Вечерва со почеток во 20:00 часот во Куќата на Уранија во Охрид изложба и промоција на „Едиција – монографија” на Таки Павловски, 55 години творештво 1966-2021.
Станува збор за Едиција на целокупно творештво од 55 години – 17 тома, на визуелен автор, досега не издадено во ваков обем и форма на тлото на Македонија, бивша Југославија-Балканските простори-Европа.

Куратор е Емил Алексиев, лектор Ана Пановска, а преводот на англиски е на Зорица Теофилова, Игор Јанковски, Наташа Папазовска-Левкова и Билјана Николовска-Прлја.
Изложбата „Објекти-градби“ ќе опфати селектирани дела, дел никогаш неизложени, и истата ќе биде поставена за јавноста до 30 август.

Академскиот сликар според своите творечки дострели, им припаѓа на најзначајните ликовни творци. Според своите творечки преокупации, според ликовната синтакса што за користи и според естетската позиција што jа брани, тој и припаѓа на генерацијата на уметници, во македонскиот ликовен простор, но и пошироко, кои влегоа во судир со проблемите на своето време, во судир со стварноста што ги опкружува. Неговиот вкупен творечки опус е одговор на визуелната агресија на опкружувањето транс мутирана во ликовната лабораторија на уметникот во длабоко, полно со чувства дело.
Огромен е неговиот придонес во подигањето на рамништето на визуелната култура во Македонија.

Павловски уште на почетокот од својот творечки пат, навлегува длабоко во просторот на сликата воден од страста на откривањето на нови ликовни можности и повикот на една нова ликовна авантура. Овие истражувања се најчесто разбрани како вкрстување на разновидни стилско-поетички искуства: од апстрактниот геометризам, или од меката лирска апстракција, до искуствата од енформелот; елементи од ликовна транспозиција на стварноста во уметничкото дело; фрагменти од хроматска експлозија што остава траги врз платното; па се до неприкриен концептуален приод кон ликовното дело и настојување тоа де се вклопи во некоја серија или некој поширок ликовен контекст.
OhridNews










