Во изложбениот простор на културниот  центарот ” Le Мurate”  во Фиренца  на  3-ти декември  во 19ч., ќе биде отворена изложба на  Ели Аиноска Христовска, Билјана Ангелеска и Стевчо Наумоски. Ќе бидат изложени дела од  нивните последни циклуси  кои предходно беа изложени во Скопје.

Иако станува збор за различен пристап на дејствуавање и реализирање на една идеа сепак разработотена е една  тема која ја прикажува врската помеѓу природата и човекот.

Инаку, станува збор за комплекс кој во 15 век бил манастир посветен на св.Катерина  и Благовештение, за потоа, речиси сто години, 1883-1985 да биде претворен во затвор. Денес е адаптиран и преуреден во културен центар со одличен  галериски и сценски простор.

За делата и творечкиот опус – критика на Маја Чанкуловска-Михајловска

Стевчо Наумоски – Пулсот на езерото

Циклусот фотографии под наслов “Пулсот на езерото“ на Стевчо Наумоски ги претставуваат промените во животните циклуси преку создавањето паралела помеѓу човекот/жената и езерото. Преку приказот на реалната/физичка појавност и визуелно-естетскиот избор на фотографии кои формираат повеќе диптих варијанти, евидентен е развојот на идејата за поврзување на природата и човекот и аналогиите кои се направени низ ваквиот избор. Како што укажува самиот наслов, со претставувањето на пулсот на езерото, и движењето на ритмички распоредените бранови од површината на водата, авторот ги истражува поимите на минливост и постојаност, неизбежното менување и вечно циклично движење. Преку поврзувањето на езерската површина и човековата “површина“, направена е паралела на веројатно единственото нешто кое е вечно и постојано во природата (а човекот е нејзин составен дел) – а тоа се промените.

Ели Аиноска Христовска – Непознати Предели

Во делата авторката реферира на објектноста и просторот, јукстапозиционираноста на објектот и просторот, нивното раздвојување, но и вклопување на вештачкиот статичен објект со пулсот на природното опкружување. Аиноска интервенира во природниот амбиент (во конкретниот случај зимски пејзаж) поставувајќи вештачки креирани “замрзнати“ објекти, а го “продолжува животот“ на објектите од нивната првична поставеност и во галериско дадени услови, презентирајќи го објектот (и фото-документација од процесот на создавање на делото) и сугерирајќи ги истите чувства и доживувања кај публиката без оглед дали се работи за отворен или затворен простор. Мноштвото присутни емоции се рефлексија на ритамот и динамиката на животот кој не опкружува, а како доминантен момент се појавува меланхоличното чувствување на пулсот на природата како основа на животот.

Билјана Ангелеска

Фасцинацијата на авторката произлегува од основните витални функции кои за целиот човеков организам ги “обавува“ срцето. Токму срцето, кое во во сите цивилизации е симбол на животот, е движечкиот “механизам“ кој го диктира пулсот на човекот и неговото целокупно функционирање.Философското објаснување се должи повторно на круцијалната улога на срцето  како витален есенцијален центар и извор на емоциите на битието, извор на интелектот, фантазијата и секако љубовта.Сите наведени експликации и нивните значења се прелеваат едно во друго во комплексната поставеност на визуелната претстава, пренесувајќи го на специфичен начин, воедно директен и суптилен, доживувањето на авторката за поимот и позитивната порака за суштината на срцето како извор на животот, сите значајни човекови чувства и бескрајното пулсирачко движење на човекот и универзумот воопшто.

OhridNews