Со рафинирана техника, експресивна интерпретација и силно сценско присуство, грчката пијанистка Теодосија Нтоку синоќа ја воодушеви публиката на „Охридско лето“ настапувајќи заедно со италијанскиот виртуоз на виолончело Масимо Полидори.
Концертот беше организиран во рамки на Грчката вечер на фестивалот што традиционално се одржува години наназад на фестивалската програма со поддршка од Амбасадата на Република Грција во Скопје.
Фестивалот „Охридско лето“ е еден од најценетите и широко познати фестивали во Република Северна Македонија и пошироко. Како амбасада, во текот на изминатите години со фестивалот заеднички работиме на организацијата на грчките вечери и ги носиме најдобрите уметници, рече грчката амбасадорка во земјава Софија Филипиду.
Публиката уживаше во изведбата на композиции од Сергеј Рахманинов, Антонин Дворжак, Едвард Елгар, Петар Илич-Чајковски, од Астор Пјацола и Габриел Форе.
Ренесансниот хор „Готик Војсис“ вечерва на програмата на „Охридско лето“
Репертоарот на дваесет и седмата фестивалска вечер на 66. „Охридско лето“ ќе понуди класична музика. Вечерва од 21 часот во црквата „Света Софија“ концерт ќе има ренесансниот хор „Готик војсис“ од Велика Британија.
Ќе настапат мецосопранот Кетрин Кинг, тенорите Стивен Харолд и Џулијан Поџер, како и баритонот Симон Вајтли.
Повеќе од 45 години ансамблот „Готик војсис“ е препознатлив по неговиот висок квалитет, рафинираност и спиритуалност во изведбата на средновековна музика.
Формиран е во 1980 година од музичарот Кристофер Пејџ. Ансамблот има снимено 30 носачи на звук за издавачките куќи „Хиперион“ и „Ави“, а за три од нив се добитници на престижната награда „Издание на годината“ од страна на музичкиот магазин „Грамофон“. Нивниот прв албум „Пердув на здивот Божји – химни и секвенци од Хлидегард од Бинген“ до денес е еден од најпродаваните албуми на средновековна музика на сите времиња, додека пак новите албуми „Непознат љубовник“ и „Лаурел за Ландини“ продолжуваат да се закитуваат со одлични критики.
OhridNews




















