Заклучно со 8 септември во земјата се регистрирани 58 случаи на западнонилска треска, од кои 54 се потврдени, а четири се водат како веројатни. Починати досега се осум лица, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје.

Според место на живеење на заболените, 55 случаи се од Скопје, а по еден случај е од Велес, Куманово и Свети Николе.

Регистрирани се 57 автохтони случаи и еден случај со историја на патување во Грција, но инкубацискиот период покрива и престој во Македонија. Од регистрираните случаи, 46 или 79,3% се машки, а 12 или 20,7% се женски.

Во однос на возрасната дистрибуција, најголем дел се лица на возраст над 60 години – 47, седум се лица на возраст од 50-59, едно лице на возраст од 30-39, а три лица на возраст од 20-29 години.

Почетокот на симптомите кај најголем дел од заболените – 38 или 65,5% е регистиран во месец август. Кај 17 случаи почетокот на симптомите е во месец јули, два во месец јуни, а кај еден случај во месец мај.

Во текот на изминатата недела (02-08.09.2026), пријавени се 2 нови случаи, од Скопје и Свети Николе, а регистрирани се два нови смртни исходи кај лица од Скопје.

OhridNews