Зошто се преќинати градежните активности на автопатската делница Кичево-Охрид?, праша денес на прес конференција заменик градоначалникот и советник од ВМРО ДПМНЕ, Ангел Јанев.

Во име на советниците од ВМРО ДПМНЕ, Јанев побара продолжување на изградбата и завршување на автопатот до крајниот рок, како што рече, бидејќи токму овој проект им е потребен на сите.

– Дали ова претставува „живот“ за граѓаните на Охрид и на овој дел од Македонија за Владата предводена од СДС не знаеме, но со сигурност знаеме дека на овој автопат мора да бидат продолжени градежните активности. Негативниот пристап кон капиталните проекти кои што се започнати во време на Владата предводедена од ВМРО ДПМНЕ е непотребен и не е во полза на никого. Политичката разлика помеѓу она што ВМРО ДПМНЕ го ветуваше, реализираше и даваше отчетност и она што владата на СДС го прави е очигледна, но ни под разно не треба да е на штета на граѓаните на Кичево, Дебрца и најмалку на Охрид, рече Јанев.

Јанев кажа дека очекува одговор од владата или кинеската компанија, да излезат со официјална информација за тоа што се случува со автопатот.

– Не верувам дека изработката на вакви капитални инвестиции не ги поминале сите фази на контрола поврзана со трасите, можеби грешам. Се надевам дека сите овие прашања ќе се стават на маса, за изградбата на автопатот да продолжи во интерес на сите кои живеат на овие простори, рече Јанев кој додаде дека завршувањето на државните капитални проекти од овој тип се причина повеќе за останување, работа, развој и живеење на голем број на млади во Македонија.

Како што беше денес информирана јавноста, изградбата на автопатот Охрид – Кичево е прекината поради изместување на трасата и дека кинеската компанија „Синохидро“ која го гради автопатот времено ги запира работите на автопатот.

OhridNews