Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ има со што да се пофали и со што да излезе пред граѓаните од Охрид. Ние имаме аргументи со кои можеме да излеземе пред граѓаните и не мора да применуваме сила како што тоа го прави СДСМ, рече на денешната прес конференција претседателот на Унијата на жени на ВМРО- ДПМНЕ- Охрид, Славица Јанковска.

Таа испрати порака до општинската СДСМ , до раководителите на партијата,  посебно до раководителот и кандидат за пратеник, Митре Велјаноски веднаш да престанат со малтретирањето и притисоците кои, како што рече Јанковска, се вршат врз администрацијата и службениците во охридската локална самоуправа.


 – Голем број вработени во Локалната самоуправа реагираа до нас дека на најбезобзирен начин СДСМ, разно разни раководители во Општината и  посебно Митре Велјаноски вршат малтретирање врз вработените со цел да ги одведат на еден од нивните митинзи. ВМРО-ДПМНЕ ги охрабрува вработените во локалната самоуправа Охрид и натаму слободно да ги пријавуваат сите форми на закани, притисок и мобинг што им ги прават раководителите од СДСМ. Раководителите во Општината пак, ги потсетуваме дека постојат законски форми за санкционирање на заканите врз вработените. ВМРО-ДПМНЕ ќе ја следи состојбата и ќе застане во заштита на правата и слободите на нашите сограѓани кои се загрозени од налудничавото однесување на СДСМ и нивниот единствен кандидат за пратеник од Охрид, рече Јанковска.

На прес конференцијата Јанковска информира и за караванот кој ќе се одржи викендов во организација на Унијата на жени на ВМРО- ДПМНЕ, насловен како “Лулка на македонската писменост, култура и традиција”.

Караванот ќе се одржи на 14 Мај 2011 година, а ќе започне од пред хотел Милениум Палас во 10 часот, и ќе продолжи покрај Кејот на Охридското Езеро, Охридската Чаршија, Самоилова Тврдина, Плаошник, црквите Св. Јован Канео и Св. Софија за да заврши со посета на Музејот на вода. Иницијатор за организирање на овој караван е Претседателката на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Караѓозоска, која ќе им се обрати на жените и граѓаните од Охрид во 12 часот на Плаошник.

OhridNews