Основното јавно обвинителство – Скопје од 30.11.2017 година постапува по пријавата за наводна кражба на пари и вредни предмети од сефови во Шпаркасе банка. Пријавата е заснована на изјавите на две лица кои тврдат дека во нивните банкарски сефови недостигаат пари и вредни предмети, соопшти денеска обвинителството. 

-Оваа пријава веднаш е дадена на работа на дежурен јавен обвинител, кој во насока на расветлување на случајот издаде наредба за обезбедување на снимките од видео надзорот и барање за обезбедување податоци и документација од банката. Истовремено, издадена е и наредба за вештачење на материјални траги подигнати на лице место. Притоа, се проверува кој се имал пристап до трезорот со сефови на банката.-информираат од Јавното обвинителство.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе постапува по кривичната пријава во врска со снимањето на играна серија.

Имено, денеска, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција од страна на Управата за финансиска полиција е поднесена кривична пријава против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од чл. 353 став 5 в.в. став 1 од Кривичниот законик. 

-Лицето како раководен субјект на Агенцијата за филм во периодот од октомври 2016 година до септември оваа година, искористувајќи ја својата службена положба и пречекорувајќи ги границите на своето службено овластување го оштетило Буџетот на Република Македонија за износ од 68.000.000,оо денари. Имено, при постапката за финансирање на Проектот – играна серија ‘‘Македонија‘‘, осомниченото лице овозможило Друштвото за филмска и видео продукција „Јадран Филм“ ДООЕЛ Скопје да се стекне со против правна имотна корист во погоре наведениот износ, а на штета на Буџетот на Република Македонија. – соопшти обвинителството.

За овој случај Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по известување од Управата за финансиска полиција, минатиот месец отвори предистражна постапка.

OhridNews