Кандидатите за градоначалничката функција во Охрид вчера на телевизијата „24“ на прво дирекно соочување ги изнесоа своите ставови во однос на тоа како ќе ја водат престојната предизборна кампања. Обраќањата на Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ, Константин Георгиески од СДСМ и Гоце Цветскоски од ТМРО во рамки на очекуваната реторика, со реалативно слични ставови по однос главните прашања и проблеми со кои се соочува градот, барем кај првите двајца противкандидати.

Прашањето за статусот на УНЕСКО меѓу приоритетите, со мала разлика за тоа што е главната причина што доведе до тоа подрачјето да биде под закана за биде поместено на листата светски вреднсти во опасност.
Георгиески смета дека овој проблем е генериран години наназад. Лошото менаџирање со градот изминатите три децени, како резулатат на неносењето на соодветни законски регулативи овозможил несодветна урбанизација и развој на градот во погрешка насока. Потенцираше дека Локалната самоуправа целосно ги следи и спроведува препораките на УНЕСКО и презема мерки за анулирање на забелешките на Комисијата.

За таа цел направен е регистар за бесправни градби, а и веќе се постапува по основ на истите, со посебен акцент на крајбрежјето и на Националниот парк Галичица. Како резултат на тоа на сесијата која се одржа минатото лето, Охрид остана на листата на заштитени од УНЕСКО и доби дополнителен рок за постапување, додаде Георгиески.

Пецаков со сличен став дека урбаната деградација придонела за актуелизирање и зголемување на проблемот, но не е уверен дека дивоградбите се главна причина за доведување во опасност на статусот на градот и регионот во УНЕСКО.

УНЕСКО има забелешки на биосферен резерват, проекти кои ја загрозуваат животната средина. Би рекол дека суштинско во периодот што следи треба комуникација со нив, а не формални и неформални организации да кажуваат што треба да се прави, рече Пецаков на што Георгиески реплицираше дека не е на општината да ги уредува односите со УНЕСКО туку дека за тоа е надлежна национална Комисија.

Цветкоски во однос на планот за уривање на дивоградби, рече дека дивоградбите што се против стандардите на УНЕСКО ќе бидат срушени.

Пецаков меѓу проблемите што мора да се решат го посочи и ставање во функција на Колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро на целото подрачје, со вклучување и на Струга и Поградец во системот. Георгиески потсети дека веќе тоа е надлежност на новоформираното претпријатие што стопанисува со системот, како и оти досега за ревитализација и реконструкција на Колекторот се инвестирани повеќе од четири милиони евра. Цветкоски истакна дека во однос на приоритети за сите прашања дека ќе ги слушне прво мислењата и барањата на граѓаните.

Колекторскиот систем мора да се реновира, тој нема капацитет за сите нови градби. Треба да се зголеми, да се вложи во него. Мора да има рециклирање и селектирање на пластиката, по сите европски стандарди. Екологијата е приоритет за сите охриѓани. За да имаме екологија потребна е изработка на план. Планирам одржливо управување со отпадот на депонијата Буково. Имаме проблем со кучиња скитници, со базенот кој не е изграден и уште многу други нерешени проблеми. Марина трба да се изгради по сите светски стандарди, да биде ефикасна и ефективна, рече Цветкоски.

Пецаков истакна дека прашањето за депонијата „Буково“ треба да се реши со нејзина дислокација и формирање на нова модерна и современа депонија, што не е различно и од ставот на актуелниот градоначалник Георгиески, кој потсети дека поради неуспехот на планот за изградба на регионална депонија во Дебрца сега прашањето ќе се решава на ниво на регион со друга локација. Како проблем на градот согласни сите соговорници за потребата од затворање на депонијата „Буково“, што е и една од препораките токму на УНЕСКО.

На прашањето – каков туризам треба да се развива во Охрид и во која насока да се движи, Георгиески рече дека се чека донесувањето на Стратегијата за развој на туризмот која веќе е изготвена од стручен кадар од ФТУ Охрид, а финансирана од општината.

Најдобро би било во Охрид паралелно да се развива елитен и масовен туризам, но на таргетирана група гости кои би доаѓале во одреден период од годината и би уживале во убавините на градот. 2019 година беше рекордна по бројот на реализирани ноќевања во Охрид со бројка од 1,5 милиони ноќевања. Тоа беше резултат на добро конципиран начин на функционирање на туризмот. Беа преземени чекори за проширување на туристичките пазари, конкретно со Северна Италија од каде во 2020 требаше да пристигнат голем број гости, но поради пандемијата овој договор стагнира, рече Георгиески.

До 2016 година Охрид беше многу промовиран, а бенефитите тековно ги гледавме и отворавме нови туристички пазари рече Пецаков додавајќи дека е неблагодарно да се разговата за туризмот сега поради ковид кризата.

За да имаме развојна компонента на туризмот, зголемен број на туристи, постигнување на истата бројка од 2019 година, па дури и зголемување за 50 %, неопходно е да се придржуваме на Стратегијата за туризам изработена од ФТУ, која е изработена, но не е спроведена од локалната во изминатиот период. Во периодот кој што следи ќе треба да се посветиме на изработка на нова Стратегија за туризам и на нови пазари, и секако промоција на Охрид, додаде Пецаков.

Во однос на туризмот Цветкоски вели дека најчесто доаѓаат странци за кои немаме капацитет.

Сезоната сакаме да ја продолжиме со пензиори наши Македонци кои бараат сигурност, домашен турист кој ќе живее преку целата година. Сезоната да трае 12 месеци со помош на нашите исленици, покрај странските гости, со адекватни услови. Пркеу ИПАРД фондовите да се прават проекти, да се отвори бродска линија, воведување на железничка линија, изградба на неколку катни гаражи вели Цветкоски.

На прашањето за уредувањето на крајбрежјето на Охридското Езеро, Георгиески истакна дека Општина Охрид веќе има распишано јавен повик за уредување на плажите согласно Планот за управување со светско природно и културно наследство и дека за сите содржини и времени објекти кои се предвидуваат на плажите ќе бидат користени само природни материјали.

Предвидено е тие да се од дрвен материјал и друг природен материјал кој ќе се вклопи и нема да го наруши еко системот. Општината има намера сама да ги уреди соодветните локации, а не да го издава земјиштето на јавно наддавање, за да се избегне проблемот кој се јави поради изградба на недозволени објекти рече Георгиески

Уредувањето на плажите беше еден од најгорливите проблеми ова лето за кои што имавме забелешки, буквално од секој еден турист и можам да кажам само дека времето и тајмингот кога се случи цела оваа работа, беше промашен, вели Пецаков.

Ние имавме година и пол – две корона, кога движењето на туристите и странците кои што требаше во Македонија да доаѓаат, беше ограничено и не беше возможно, а веќе ова лето кога се отворија границите наидовме на хаос и неуредени плажи, нешто кое што не треба да е слика Охрид, ниту сега, а ниту порано а никако во иднина. Овој хаос што го генериравме беше далеку од потребен, посебно во почеток на туристичка сезона, истакна Пецаков.

Инаку, Пецаков повика граѓаните да го дадат гласот на престојните избори за позитивни промени во градот, од реформи во јавната администрација до реализација на проекти, на сцена да настапат новите генерации кои знаат како тоа треба да се направи.

Охрид да биде град во кој младите ќе ја гледаат својата иднина, со нови работни места, а системот да профункцинира во на нначин во интерес на сите. Сите идеи, насоки што ќе ги презентирам ќе дадат една сосема нова слика за Охрид, како туристичка дестинација со која ќе се гордееме, рече тој.

Георгиески најави продолжување на веќе трасираниот пат, потсетувајќи на се она што е отпочнато и направено во неговиот скратен двеиполгодишен мандат.

Одговорно, посветено, домаќински работев со мојот тим за подобар Охрид. Општината ја затекнавме во финансиска дубиозна состојба, од 1,6 милијадри дојдовме на 295 милиони денари долг, на прагот сме да ја раздолжиме општината. Функцијата носи многу повеќе одговорности од бенефиции. Затекнавме болен проблем за решавање, справувањето со дивоградбите на крајбрежјето, го задржавме статусот во УНЕСКО, реализиравме многу проекти, граѓаните знаат кои се, подготвени сме да го задржиме конктинуитетот на развој на градот, затоа што за две и пол години решивме деценски проблеми, рече меѓу другото Георгиески.

Цветкоски кој воглавно настапот го користеше за делигитимизација на централната власт и кандидатите на двете најголеми партии за градоначалничката функција, ги повика граѓаните прво да го вратат суверенитетот на градот преку гласот за него, а потоа да се пристапи кон решавање на сите проблеми и прашања.

Чесно и одговорно ќе работиме, ќе посветиме внимание на урбанизмот, на локалниот развој, на културата, на спортот, рече Цветкоски.

OhridNews