Патувањето на голем број граѓани, пред се од Скопје, во Охрид и другите туристички места во земјата изминатиот викенд за да го избегнат полицискиот час, може да придонесе за ширење на вирусот Ковид 19. Ваквата можност не ја исклучува епидемиологот и претседател на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџоски.

Тој рече оти очекувањата на Комисијата која ја предложи мерката за целосно ограничување на движењето во дел од општините со најголем број случаи на Ковид 19 позитивни, меѓу кои и за целиот град Скопје, биле дека населениото ќе ја почитува.

Ако ме прашате лично, да, се надевав на полна кооперативност за спроведување на овие мерки. Но секогаш има некој кој не сака да ја почитува оваа мерка и многумина со семејствата заминаа надвор од местото на живеење. Се проценува дека станува збор за неколку илјади скопјани од коишто дел од нив можеби имале асимптоматски вирус во себе, и потенцијално можеле да го пренесат вирусот во местата каде што биле. – изјави на прес конференција попладнево епидемиологот Караџоски.

Караџоски посочи дека дополнителна причина да дојде до евентуално ширење на вирусот, што тој се надева дека нема да се случи, е непочитувањето на основните препораки за заштита, што можело да се забележи изминатиот викенд во Охрид и другите туристички места.

Во Охрид и Дојран грото од луѓето на шеталиштата и во кафетериите не носеа заштитна маска. Ако ме прашувате дали на тој начин можел да се пренесе вирусот? – Да вирусот можел да се пренесе. Дали опционо може да сметаме дека дел од овие луѓе пренеле вирус ако биле во некаков близок респираторен контакт таму каде што биле? – Да опцијата постои. Меѓутоа повторувам, мерките се единствени во светски рамки, никаде друга мерка не се применува освен дистанцирање и носење заштитна маска. Очекувам дека нема да се прошири, но оставам резерва дека дел од овие луѓе коишто биле некаде на поседок два до три дена или се изолирале од таканаречениот полициски час би можеле доколку контактирале со некого во овие населени места и туристички региони да го пренесат вирусот и таму. – рече д-р Караџоски.

Одговарајќи на критички прашања на новинарите за тоа кој треба да сноси одговорност за зголемувањето на бројот на нови случаи на Ковид 19 и побараа покоректен однос кон нив, Караџоски истакна дека тој е професионалец кој 27 години несебично се става во служба на државата. Мојата идеологија е епидемиологијата, а мојот став секогаш бил стручен и издржан, истакна тој. Додаде дека не чувствува одговорност за зголемениот број на случаи, затоа што, како што посочи, Комисијата за заразни болести во која тој е заедно со дваесеттина други експерти е советодавно тело на министерот за здравство, кое дава препораки, а одлуките ги носи и спроведува владата.

Стојам на располагање да дискутирам аргументирано со било кој стручњак од светот кој ќе изнесе докази дека  во Македонија не ги применуваме истите мерки кои се применуваат секаде во светот. Но проблемот е во тоа што тие не се почитуваат, а има и такви кои се уште не веруваат дека вирусот постои. Само со доследно почитување на овие мерки можеме да испливаме од оваа вода. Ве молам да не дозволуваме самите себе да си пресудуваме во моменти кога цела Европа и цел свет ги намалува сите мерки, а ние да воведуваме нови. – апелираше Караџоски.

Г.М.