По втор пат, утре од 18 до 20 часот на градскиот плоштад , во организација на Националниот демократски институт за меѓународни работи, ќе се одржи трибина на тема Фер избори низ целата земја. Во програмата на овој настан е вклучено: кратка презентација на кодексот, промоција на електронските медиуми за поддршка на кампањата, презентација на програмата на мобилната кампања, собирање потписи и пораки за поддршка од граѓаните, делење промотивен и информативен материјал и други слични активности.
Трибината е дел од три неделната кампања која ја спроведува НДИ со цел да се подигне свеста на граѓаните за важноста тие да минат во фер и демократска атмосфера.

Од НДИ потенцираат дека настанот нема никаква политичка позадина и строго се придржува кон неговата главна цел, а тоа е подигнување на свеста на членовите на политичките партии, како и јавноста за важноста да се поддржи Кодексот на однесување за слободни и фер избори.

Кампањата на НДИ која се спроведува под мотото “ Каков белег ќе оставиме?”, е прифатена и поддржана од сите политички партии во Македонија, од што произлезе Кодексот на однесување кој е потпишан од сите претседатели на политички партии.

Националниот демократски институт за меѓународни работи е невладина организација со седиште во Вашингтон, САД, а во Македонија работи од 1993. НДИ работи со Собранието на РМ на зајакнување на неговите демократски капацитети.

OhridNews