Само минатата 2018 година, биле регистрирани околу 1.8 милиони нови случаи на заболени од карцином на дебелото црево и ректумот во светот. Популација со највисок ризик за развој на оваа болест се луѓето до 40 години, со семејна анамнеза за полипи или карцином на дебелото црево појавен пред 40-тата година од животот. Подигнувањето на општествената свест кај граѓаните е многу важно и за таа цел во Скопје се одржува меѓународна конференција насловена Early Occurrence of Colorectal Carcinoma. Where we are. Where are we going?, што ја организира Клиничката болница „Аџибадем Систина” и MTCC (Mediterranean Task Force for Cancer Control).

На конференцијата присуствуваат четириесетина еминенти доктори предавачи од повеќе земји од Европа и од Азија.
„Денес колоректалниот карцином веќе не е болест на постарата популација, туку спротивно, почесто од кога и да е кога ја гледаме оваа болест кај млади пациенти. Целта на оваа конференција е да се расветлат сите аспекти за можните фактори за влошување на оваа ситуација како што се: диететски причини, специфики на различни региони во светот, патолошки и генетски фактори, рано појавување на симптоми, дијагноза, третман и скрининг”, изјави проф. д-р Владо Димов.
Министерот за здравство, Венко Филипе, кој присуствуваше на отворањето на конференцијата и истакна дека особено е важно да им се овозможи на граѓаните да имаат можност да се лекуваат во најдобрите болници, вели дека државата размислува да продолжи со концептот на јавно приватно парнерство.

На оваа конференција се промовираше печатен едукативен материјал кој досега е преведен во повеќе од 20 земји во светот. Брошурите со корисни информации за превенција, рана дијагностика и современ третман на карциномот на дебело црево и ќе бидат дистрибуирани по сите амбуланти низ земјава со цел информирање на популацијата и подигнување на свеста кај населението.
OhridNews













