СЈО останува на ставот дека рокот за работа на оваа институција треба да биде продолжен, изјави денеска во Охрид специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која е еден од предавачите на Школата за природно право што се одржува во куќата на Уранија.

-Мандатот на СЈО е пет години, односно 4 години со право на продолжување за уште една година. Ние имаме мандат да работиме, ќе ја продолжиме нашата мисија да ги обработиме сите разговори, а што се однесува до рокот за поднесување на обвиненија тоа е дискутабилна тема. Јас се надевам дека ќе се изнајде решение во брз рок, а очекувајте дека и во идниот период ќе отвараме истраги за други прислушкувани разговори каде има индиции за криминал. – изјави Јанева.

Специјалната јавна обвинителка посочи дека до овој момент 12 проценти од прислушкуваните материјали се само напишани односно заедно со нив вкупно 45 проценти се во обработка, додека 55 проценти не се обработени.

-Тука има многу новинари, има прислушкувани разговори на многу јазици и тој дел се уште не сме почнале да го разгледуваме, а ќе го направиме тоа после 15 септември. – истакна Јанева.

Таа најави дека СЈО наредната недела ќе отвори нови предмети изразувајќи надеж дека судот ќе постапи по нив и ќе ги потврди обвиненијата кои ќе треба да се докажат во судница. Посочи дека предметите кои во моментов се работат произлегуваат од прислушкуваните разговори и дека предмет на пријавите кои се подготвуваат се граѓани на Република Македонија, од кои дел се познати личности.

Г.М.