Во текот на изминатото деноноќие во земјава регистрирани се 474 прекршоци за неносење лична заштита.

На територијата на СВР Охрид дневно се регистрираат 60-70 прекршочни казни за неносење заштитна маска. Министерот Наќе Чулев смета дека казните не се решение на проблемот и апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите за справување со Ковид -19.

Мора да им укажеме на граѓаните дека мора да носат заштитна опрема, за нивно здравје и здравјето на другите граѓани. Уредбата е доставена од Министерството за здравство, ние како МВР ја имплементираме. Прекршочната глоба е во износ од 20 евра, доколку се плати во рок од 8 дена таа изнесува 10 евра, или 615 денари. Мора да се апелира и граѓаните мора да сфатат, бидејќи само со репресивни средства проблемот не се решава, треба и свеста кај граѓаните да проработи. – изјави викендов во Охрид министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

Министерот Чулев најави дека во текот на туристичката сезона полицијата ќе ги засили контролите во Охрид, а евентуално за носење на нови поригорозни мерки треба да одлучи Владата.

Г.М.