Како одминува времето, граѓаните се помалку водат сметка за мерките за заштита од коронавирусот Ковид 19, кој  од почетокот на пандемијата до сега, во земјава однесе над 100 човечки животи. Иако кривата на заразени се уште е блага, секојдневно има новодијагностицирани. Поради тоа, на предлог на Комисијата за заразни болести, Владата воведе 42-часовен полициски час за продолжениот празничен викенд, од недела во 11 часот, до вторник утрото во 05 часот. Но тоа не поколеба многумина викеднов да го посетат Охрид. Низ градот  можеа да се забележат многу автомобили со регистрации од други градови, како и поголема раздвиженост. Во ситуација на затворени ресторани и кафулиња и барови на плажите, голем број граѓани денеска го запоседнаа тревникот на кејот во центарот на Охрид. Можеше да се види се, од разголени тела, до цели друштва на купче без маски на столчиња и масичка или распослани на трева, групирања… Многу луѓе, а премала дистанца.

Кејот во центарот на Охрид како плажа, лежалки, столчиња, групирање…

Минувачите на кејот зачудено ги гледаа посетителите во паркот. Дел од нив реагираа на непочитување на мерките за заштита, коментирајќи зошто не се санкционираат ваквите појави. Но имаше и такви на кои не им пречеше ваквото однесување.

Во земјава денеска се регистрирани 24 оздравени и 20 новодијагностицирани со коронавирус. Во Охрид, пак, според официјалните информации на Центарот за јавно здравје во моментов има 6 активни случаи со Ковид 19.

Г.М.