Невладината Еко- свест ангажираше тим од пет експерти од различни области со цел изработка на физибилити студија за одржлив транспорт во Охрид долж крајбрежјето на Охридското Езеро, на потегот од Охрид до Св. Наум. Оваа студија треба да даде идејно решение за велосипедска патека, автобуски и бродски транспорт на соларна енергија и ќе ги разгледа можностите за одржливо урбано планирање на Охрид.
-Студијата ќе биде презентирана пред јавноста наесен и се надеваме дека реализацијата на ова решение ќе биде висок приоритет на кандидатите за градоначалник на општина Охрид. Сметаме дека одржливиот развој на нашите најскапоцени заштитени подрачја е единствениот пат по кој нашата држава може да овозможи климатски отпорни заедници и локален економски развој со придобивки за сите граѓани во Македонија. – информираат од Еко свест.
Дополнително Еко- свест објавува фото конкурс на тема „Природата Е Секси“ во кој ќе учествуваат фотографии кои ќе покажат дека нашата природа е убава, забавна и уникатна. Креативни фотографии кои од единствениот биодиверзитет и видови во земјата ќе направат приказна, велат од Еко-свест.
-Фотографиите треба да ги објавите на Instagram, Facebook или Twitter со #ПриродатаЕСекси #NatureIsSexy и да ги испратите на [email protected] најдоцна до 10 јули 2017.
Од пристигнатите фотографии 10 ќе бидат наградени со пакетчиња од Еко-свест, а сите фотографии ќе бидат изложени на „Природата Е Секси“- неделата на еко-активности во хотел Метропол, Охрид во организација на Еко-свест која ќе се одржи на крајот на јули.- објаснуваат од невладината организација.
OhridNews













