Партиските лидери денеска го потпишаа Кодексот на однесување за слободни и фер избори, но речиси сите опозициони лидери стравуваат дека ова потпишување ќе остане само на хартија со оглед на тоа дека уште пред да почне изборната кампања, гласачите се изложени на притисок и злоупотреба.

Сите ветија дека партијата од која доаѓаат ќе се однесува согласно напишаното во Кодексот, но изразија сомнеж за однесувањето на другите политички партии.


Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ и премиер, Никола Груевски по потпишувањето на Кодексот не даде изјава за медиумите. Лидерот на најголемата опозициска партија, Бранко Црвенкоски потпишувањето на ваквиот Кодекс од страна на Груевски го оцени како врв на лицемерието.

И од Социјалдемократската унија велат дека граѓаните се сведоци на едно огромно лицемерие, особено од големите политички структури.

 „Се надевам дека ова потпишување нема да остане само на хартија. “ изјави Филип Петровски од Демократска Десница. За Марјан Додовски од ВМРО- Народна партија, кодексот претставува повеќе морален чин за претседателите на партии. – Она што се случува на терен и она што се случува пред македонската јавност  е сосема друга слика“ рече Додовски.

Имер Селмани од Нова демократија изјави дека гарантира дека нивните активисти ќе направат се, изборите да бидат фер и демократски.

Либерално-демократската партија оценува дека потпишувањето на Кодексот е тажен фактор за Македонија.

OhridNews
извор: Makfaks