Хумор што погодува таму каде што најмногу боли, познати песни во сосема ново руво и македонското секојдневие претворено во кабаре. „Two Mothers Brothers & Two Cousins“ вечерва повторно ќе ја забавуваат охридската публика, овојпат на малата сцена во НУ Центар за култура „Григор Прличев“, во рамки на осмото издание на „Summer Comedy Marathon 2026“.

Ова е второ издание на популарното кабаре во рамки на годинашниот фестивал, по незаборавната вечер во уникатниот амбиент на Monastery Winery во Опеница, каде ниту невообичаено студеното летно време не успеа да ја олади атмосферата и расположението на публиката.

На сцената ќе бидат актерите Никола Тодороски и Стрезо Стаматовски, во придружба на „Two Cousins“ – Никола Јосифоски Чиче на клавијатури и Јане Тодороски на бас.

„Two Mothers Brothers“ повеќе од една деценија на оригинален начин ги опсервираат македонското секојдневие и општествените аномалии. Нивниот препознатлив кабаретски израз ги спојува актерската игра, музиката, авторскиот хумор и сатирата со пародии и преработки на популарни песни, создавајќи комедија во која публиката лесно ги препознава сопствените маки, навики и секојдневни апсурди.

Тоа не е класичен стендап, туку музичко-комична кабаре, претстава во која песната станува шега, шегата коментар на реалноста, а темите што го засегаат обичниот човек материјал за смеа и сатира.

Вечерашното шоу на малата сцена во Центарот за култура „Григор Прличев“ започнува во 20 часот. Билетите чинат 500 денари, а може да се набават преку HAHAHA.mk и на телефонскиот број 075/283-066.

Шоуто не се препорачува за лица под 16 години.

„Summer Comedy Marathon“ продолжува по синоќешното „SEX Show 2“ во Jazz Inn, каде Никола Тодороски, Никола Братучед Сиљаноски, Зоран Донев и Јован Цветкоски приредија вечер без цензура, исполнета со провокативен хумор и смеа.

Атмосферата од синоќешното шоу ја пренесуваме и низ фотогалерија.

OhridNews
Фото; А. Момироска