Во текот на изминатите неколку дена, во јавноста излегоа првите неофицијални информации за можниот состав на новата македонска Влада. Според објавите во неколку национални медиуми досегашниот министер за екологија Абдулаќим Адеми ќе раководи со Министерството за образование, а Емил Димитриев ќе биде новиот министер за одбрана.

Прв човек во ресорот правда најверојатно ќе биде Аднан Јашари, додека пак Лирими Шабани ќе биде нов министер за локална самоуправа. Нов министер за економија ќе биде Беким Незири.

Телевизијата Алсат–М објави дека за Министерството за екологија се планира Хазби Лика, а досегашниот министер за одбрана Талат Џафери нема да биде дел од новиот владин кабинет, туку ќе ја предводи пратеничката група на ДУИ. Муса Џафери и Фатмир Бесими ќе останат на истите функции, односно вицепремиер за рамковен договор и за евроинтеграции.

За нов министер за странски инвестиции во Владата на Република Македонија се споменува името на Горан Мицковски, финансиски експерт со долгогодишно меѓународно искуство. Тој во моментов работи во Лондон во Кредит свис како консултант за инвестициско банкарство и стратегиски трансакции. Претходно работел во неколку британски и автралиски банки. Исто така медиумите објавуваат  дека во македонскиот политички блок, нов министер ќе биде Михаил Цветков, кој ќе седне во фотелјата на Љупчо Димовски во Министерството за земјоделство.

Неизвесно е што ќе се случува во Министерството за труд и социјална политика и засега нема информации дали ова министерство и понатаму ќе го води Диме Спасов или постои можност Спиро Ристовски да се врати на оваа функција. Во останатите министерства не се најавуваат промени и на истата позиција остануваат  Зоран Ставрески, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и мандатар за состав на новата Влада треба до утре до Собранието да ја достави владината програма и конечниот состав на новиот кабинет.

OhridNews