Веќе неколку години со ред се најавува (и посакува) донесувањето на Законот за Охрид. На потребата од постоење на таков Закон, секој од свој аспект на поимање на нештата како потреба, укажуваат и институциите и граѓаните. И кога станува збор за туризмот, за екологијата или културата, но и кога се гледаат аномалии и неправилности во урбанизмот – без поговор се укажува на потребата од постоење на таков посебен Закон за Охрид. Дека многу проблеми ќе се решат со неговото донесување!

Недвојбено е дека заради зачестеноста на оваа тема во јавноста овие денови, јакнее согледувањето и кај законодавецот дека  на Охрид му е потребен закон кој би го издојувал од другите градови и општини во државата,  едноставно затоа што тој по многу нешта е посебен.. Ако ништо друго, тогаш барем заради фактот дека антагонизмот помеѓу потребата за развој и неминовноста од заштита, или поинаку кажано, современиот живот ( кој не ретко се граничи со луксуз)  и заштитата на автентичното, на она по што е препознатлив градот на вековниот духовен живот, токму во Охрид се манифестира со сета своја впечатливост.

Без сомнение, уште цели томови можат да се испишат во прилог на оправданоста од постоењето на посебен закон за Охрид. Но, без прејудицирање на (не)квалитетот на законскиот текст основното прашање и  сега, а и тогаш кога ќе се спроведува спомнатиот закон, се сведува на прашањето: Што со нашата совест (или несовесност) ? Што со (зло)употребата на политиката и моќта или отсуството на воља и определба за почитување на законското слово? Што со менталитетот според кој „законите се добри, но да важат за некој друг“?

Оти, со низа законски решенија и сега се овозможува соодветно уредување на низа прашања по кои Охрид би требало да се истакнува како град на УНЕСКО. Но, факт е, и секојдневно сме сведоци на непочитување на постоечки закони, не само од сфери блиски на оваа, туку и оние кои (урбанистичкото уредување) парцијално ги уредуваат соостојбите токму во она по кои треба да се води грижа за наследството и природата. Едноставно, од почитувањето и спроведувањето на тие закони во секојдневието нема ни буква „З“ .

Примери, се разбира,  има многу, но доволно е, се чини, доколку се посочи следното. Во законот за градба, односно законските прописи кои го регулираат урбанистичкото живеење, утврдено е дека градењето без потребна дозвола (дивоградбата) е кривично дело. Но, потписникот на ови редови , освен во еден случај, не се сеќава дека некој друг сторител на ова недело одговарал кривично. Хроничарите на Охрид,  но и обичните граѓани со подобро паметење, се сеќаваат дека спрегата помеѓу политиката и личниот интерес токму во строго заштитеното градско подрачје, му овозможи на еден инвеститор брзопотезно да ископа темели и „фрли прва плоча“  на археолошки недоволно  испитана локација! На ударен  (не само)визуелен поглед, познат охридски авторитет во својата струка, но и повремен приврзок на локални политички гарнитури си изгради здание кое по се’ отскокнува од амбиентот и автентичноста иаку тој истиот експерт во име на власт им одредувал на жителите во стариот дел на градот не само по какви архитектонски решенија да градат, туку и кој тип на герамиди и надворешна дограма да употребат!…

Банално би било доколку се посочат и непочитувањата на други, постоечки, закони со што се нарушува сликата за Охрид како „посебен град“ (законите за јавна чистота, за води, за национален парк).  Оправдувањата, најчесто, одат во правец на „поделени ингеренции“, „немање ингеренции од страна на некоја власт“, „немањето ефикасни санкции и казнени мерки“, „слабата финансиска состојба (низок стандард) на граѓаните“….

Во сета грижа и зачувување на Охрид како посебен град ( или град со посебен закон) каде е обичниот грѓанин (или неговата совест) кој исто така „се крсти“ во најавуваниот закон за Охрид, но сопствената совест ја остава некаде настрана кога систематски и безмилосно го нарушува амбиентот?

Ќе се мисли ли дека „оној што го донел законот треба да се грижи и за негово спроведување“? Згора на тоа ќе бидеме ли сведоци на оправдувања на надлежните дека се нема средства и извршители за санкционирање?

Или, ќе живееме во илузијата дека е добро се’ да е регулирано со закон, ама подобро е да се „фаќаат пријатели и да се бараат „дупки“ во законот“?  

                                                                               
Никола Маневски
                                                                   (Авторот е дипл.политиколог)