Многу често, барем еднаш неделно, имам навика заедно со моето друштво да се собериме во некоја кафана. Најчест мотив, покрај јадењето (тавче-гравче, скарата и алкохолот)  се  муабетите за нашите животи, кој каде е, што прави, секојдневните проблеми, филозофските муабети за вечните теми, сеќавањето на минатото и плановите за во иднина. Секоја средба, различна тема за муабет. Пред некој ден, собрани така, почнавме со сеир муабети, кој што направил и анализираме зошто, како, кога, кажуваме што ни се случило, умираме од смеење…алкохолот почна да си дејствува. Малку по малку, почнавме да филозофираме за животот. Еден од моите другари, на кој алкохолот му беше најмногу влезен во крвта, наеднаш доби откровение.  Стана од столот со чашата во рака, а ние прекинавме со смеење. Чекаме да каже некоја здравица или некоја глупост, а тој одвај се држи исправен, чека наше внимание и откако го доби, ни рече:  – Замислете само ние овде (10 луѓе) и уште 2 милиони жители ја имаме таа среќа да живееме во Македонија ! Останатите ја немаат таа среќа ама имаат се останато. Нека ни е наздравје.!  Настана тишина. Добивме чувство дека сите  го имаме доживеано неговото откровение. Никој не кажа ни збор. Сите си го доживуваа моментот и јадеа од јадењето кое им служеше само како мало оправдување за никој да не рече ништо. Другар ми, очекуваше дијалог па откако виде како сите седиме со попарени глави надолу, наеднаш го испи коњакот па си седна на столот и почна да ѕвезди среде бел ден. После ова, тешко ни беше да продолжиме со муабетот или пак да смениме тема на муабет. Плативме и станавме да си одиме секој по својот пат.

Тргнав да си одам дома заедно со една моја другарка. Се надевав дека со пешачењето, малку ќе се отрезнам ама од старт се заебав. По пат, другарка ми, инаку тежок носталгичар по душа, ме убиваше со нејзините муабети за тоа колку е добро што вака често се собираме и правиме муабет за минатотото. Нормално, мене ме маваа филмови и некои тешки мисли за некои работи што ми се пред очи, а јас намерно ги одбегнувам. Моето откровение беше со многу прашања. Зарем живееме само од среќа и за среќа ? Ако е така, тогаш сите туристи, правни и економски експерти, советници, НАТО-вци, илегалци, шабани…доаѓаат во Македонија само да почувствуваат макар мал дел од таа среќа и сите војни што се водени кај нас се заради тоа што сите ни се љубоморни затоа што ние сме среќни, а тие не се !? Тогаш, како уживаме ние во нашата стварност ? Фантазираме ! Кој парадокс. Наместо да биде обратно, нашата фантазија да биде заменета со реалност и сегашност, ние нашето  секојдневие го поминуваме во фантазирање и мечтаење за подобар животи, цело време се малтретираме со животот, џамкаме за поголеми дневници, за поголеми плати, платени кредити, решени имотно -правни проблеми дома, подобро тело без целулит и стрии од нагло слабеење… стануваме мазохисти. Животот со сите негови работи и инструменти не силува, а не ние него ! И што е сегашноста ? Дали се тоа постојаните мисли за нешто што ни се случило и сме направиле или што треба да ни се случи и да направиме и дали со овие работи, на некој начин постојано живееме во и со минатото или иднината ? Сам се прашував и сам си одговарав. Скоро сите луѓе (со исклучок) ја поминуваме сопствената минливост во размислување на вечните нешта, а во пропуштање на минливите нешта, оние за кои треба крајна внимателност за да бидат забележани бидејки се раѓаат и умираат од миг во миг. Се прашував, зошто залудно да се стремиме кон вечното и бескрајното, кога би можеле, иако тоа трае само миг,  да го доживееме пулсирањето на ограниченото и минливото. Многу ми е жал за другарка ми. Постојано, кога и да се сретнам со неа, таа се навраќа на минатото. И самата знае дека живее во минатото. Овај пат претера. Тагува по моментите кои никогаш нема да и се вратат и постојано се обидува, повторно да ги доживее. Знае дека ја пропушта минливоста и сегашноста.
 
Дојдов дома и се фатив за албумите со слики и да се потсетам на моменти и личности од мојот живот. Додека листав низ албумите  почнав да мислам што кажаа другар ми и другарка ми. Првин си помислив, ај малку сум поднапиеан, па многу различни мисли ми поминуваат низ главата ама откако ги видов некои личности на сликите, ми текна т.е разбрав како ние ја минуваме минливоста и сегашноста и дали воопшто размислуваме за вечните нешта. Разбрав дека денес животот е Carpe diem (зграпчи го денот). Токму минливото е епицентар на многу луѓе кои живеат за гратис пијалок, гратис секс… И се прашав,  каде е вечното за нив ? Вакви луѓе познавам еден куп. Ги има со лопата да ги фрлаш. Поминете по кафичите и сами ќе ги видете или препознаете. Возрасните ли мислат за вечноста ? Ретко ! Тие се испокарани со се и сешто, самите се виновни за дисфункционалните семејства, вистински обожаватели на депресијата се сите менопаузни жени, а ги пратат и мажите кои се како деца, подетинавени во втор пубертет. Старите ли мислат на вечноста ? Тие кои беа Титовите пионери, за нив времето, тогаш застана , мислат на младоста и мигот кога Тито ја земаше штафетата во раце и на своите деца, внуци им ги раскажуваат тие дожувувања. Актуелни настани нема. Тоа што ни се случува денес, ни се случило и порано. Некои работи и повеќе пати.

Легнав да спијам, изгледа алкохолот премногу доминираше во мојата крв. Пред да заспијам се мислам зошто другарка ми има носталгија ? Најмногу мислам затоа што тоа денес ни се случува. Ние постојано живееме во нашето минато или пак во некоја далечна иднина. И кога конечно, таа иднина ќе ни дојде, не ни одговара на описот. Заспав и спиев како труп. Се радувам затоа што моите соништа не беа со влијание на денешниот ден. Почнав да си ги извршувам вообичаените обрвски што ги имам ама никако да се тргнам од помислата што значат минатото, сегашноста и иднината. Знам дека некој живее од љубов, некој друг од мито, а ние живееме од спомени. Гледам низ сликиве и гледам луѓе кои во нивните славни денови не успеале да направат нешто посебно за нивната иднина, сега ќе се обидат да направат барем нешто за нивното минато. Живеам во сегашноста, баш во сегашноста ја пишувам оваа колумна, во сегашноста гледам во мониторот и пишувам на тастатурата. Јас мислам дека сите мисли, акции, дејствувања, планирања…се случуваат токму баш сега во вој момент т.е. во сегашноста. Ако во овој момент не помислам на минатото или на иднината, ќе ми остане она што го перцепирам во моментот. Не можам да се вратам во минатото, не можам да се вратам ни 5 минути поназад, не знам што ме очекува ни после 5 минути. Живеам тука и сега. Желбите ќе си останат желби, а потребите за денес се неопходни. Кај мене, сликите од минатото се појавуваат многу ретко, треба да има некоја причина за да се навратам и да повторам се што се случувало една недела, еден месец, една година, 5 години наназад,  Поголемиот дел од времето сум со мислите или на планирање на подалечната иднина или правење одредени дејствија кои се дел од таа грубо планирана иднина.

Не велам дека е грешка да се навраќаме во минатото, многу добро и самиот си знам дека во минатото се навраќаме само кога размислуваме кај сме погрешиле или кај ни погрешиле, каејќи се и наоѓајки начин како да не ја повториме грешката. Мислам дека треба да го оставиме минатото зад себе такво какво што е, затоа што колку и да се трудиме да го промениме, никогаш нема да успееме во тоа. Знам дека минатото им пречи на многу луѓе и на многу нации. Во последно време, гледам на Грциве многу ги стега и им пречи. Толку многу се трудат да го избришат минатото и никако да им успее. Колку се забегани што почнаа да се фрустрираат од нас. Тие ни се уште еден добар пример за тоа каква е нашата сегашност и како некој сака да ни ја силува. Сега прашањето е дали уште ни е убаво некој да не стега од позади или ке си ги замениме функциите и позициите? Мене, стварно ми е дојдено преку к*р. Вето за НАТО, вето за Еу…до кога така ? Ај да направиме вака.: Сите знаеме дека реката Вардар не се слива во Егејското море. Грците ја имаа пренасочено за да ги наводнува нивните полиња и ниви во Солунското Поле. Па ај да им ставиме една брана кај Гевгелија или кое било друго место на нашата територија па да видам дури тогаш како ќе скокаат како луди за да правиме компромис. Дури тогаш без мислење ќе ги вратат сите имоти, ке дадат пасоши со државјанство и сите други попатни работи кои следат. Се радувам на денот кога ќе ја изградиме браната. И ние имаме полиња и ниви за наводнување. Џабе се сите субвенции и придонеси во земјоделството ако немаме вода за наводнување. Дури тогаш малку ќе почувстувам дека му ја силувам на некој сегашноста. Доста беше мојата/нашата.

Завршив со прелистување на албумите. Како lash-back  низ мислите  ми поминаа сите  убави и незгодни момент од мојот живот. Сега, за да се одморам ќе продолжам со проверениот начин за  уживање во сегашноста. Ќе фантазирам !

                               

Илија Пиперкоски
Авторот е режисер
[email protected]