Зошто гемиџиите не можат да функционираат денес ? Затоа што власта ќе ги уапси со образложение дека ни го нарушуваат имиџот на мирна и демократска република ! Пред 100 години, гемиџиите правеле акции со кои сакале да привлечат внимание во светот дека сакаме да правиме држава во држава, а денес ако тие постојат, ќе треба да бранат држава од држава.
 
Се прашувам каква жртва треба да направи еден човек во името на сите за да стане херој на нашето време !? Херој кој ќе направи да се запрашаме дали имаме морални вредности и дали сме заслужиле да живееме во ова земја. Човек кој ќе ни покаже што значи херојството и која е потребната жртва за тоа да биде остварено. Порано, времето било многу потешко за живеење и сме имале многу херои, а денес, кога е полесно да се живее, имаме малку херои. Дури и тие многу млади умираат. Како и да е, сите тие ни оставиле добри примери, како треба да сакаме и љубиме една држава и еден народ ама џабе ни е кога сме слепи за да ги видиме сите тие примери, а ни стојат пред нос. Со нас ќе се случи она што ние ќе дозволиме да ни се случи. Не по инерција, не поради некој друг, туку затоа што ние самите, или ќе се помириме или нема да се согласиме да ручаме од она што ни е сервирано.

Една моја пријателка ми кажа српска поговорка во која се вели ” За идеале гину будале “. Но не гинат само за идеалот, туку со својата жртва изместуваат, влијаат врз животите на останатите. Се поставува едно логично прашање: “Зошто гемиџија да биде некој друг, а не јас “. Се надеавам дека и јас еден ден, за некој ќе бидам херој ! Плус живеам со надеж дека Господ ќе ми прости !

Кога пишувам некое сценарио, херојот во тоа сценарио секогаш е “ Ларгер тхен лифе  “, а тоа најчесто го разбира во чудни и необични услови во кои тој се наоѓа. На пример : Полн автобус со патници мегу кои сме и ние, на шоферот му откажуваат кочниците, се вози со 80 км/ч, автобусот влегува во населено место. Сите се во паника. Шоферот нема што да прави и од нигде-никаде ќе се појави Перо кој ќе ги спаси сите од смртта. Перо, предходно не би направил вакво нешто. Во автобусот седи тажен и разочаран затоа што неколку минути пред да влезе во автобусот, неговата девојка Вера го откачила за да биде со некој друг тип. На крај Перо загинува за сите ние да бидеме живи.

Метафората која сакам да ја кажам со оваа ситуација оди вака : Автобусот е нашата држава, а патниците сме сите ние. Шоферот е претседателот или премиерот кои не носат на некое место. После кратко време возење, настанува некој проблем. Откажуваат кочниците. Нашиот шофер (претседателот или премиерот) не го имаа проверено автобусот пред да тргнеме дали има некоја грешка или можеби тие намерно згрешиле, некогаш ќе дознаеме. Автобусот влегува во населено место (државата влегува во Европска Унија). Патниците (ние) сме во паника. Доколку не се запре автобусот, многу луѓе ќе загинат, а уште повеќе ќе бидат колатерална штета на таа несреќа. Ама тука е Перо. Навидум седи мирен ама во него врие, поради целата ситуација со сите негови проблеми. Гледа дека мора да направи жртва со која ќе не спаси сите нас и друг пат да бидеме повнимателни, за да не ни се случи вакво нешто (претходно да го провериме автобусот или шоферот). Перо станува од седиштето и постанува “ Ларгер тхен лифе “, не мисли повеќе на Вера, несвесно има друга цел – да не спаси сите нас. Не се прашува дали сме заслужиле да живееме или не. Го дава животот за нас и ги зема нашите гревови со него. Кутар тој. знае колку сме проклети и колку лесно се продаваме на другите ама пак, знаејќи го ова, станува херој на нашето време.

Значи, се бара херој како Перо. Не мора да се јави или зачлени некаде, за да се знае кој е тој. Важно е само да реагира. Да се надеваме дека ќе се појави тој херој додека ние сме живи.

п.с. Вера (или која и да си !? ) сакај го Перо (или некој друг) каков што е. Сигурно во него лежи некој херој кој ги чека неговите 5 минути. Не се знае што ќе биде утре со нас. Но сепак надежта постои, нели ?

Илија Пиперкоски
[email protected]