И тоа ни се случи. Во годината кога државата навлезе во својата полнолетност, еден апсурден и метафизички спор божемно разрешуван низ децениски преговори за да се најде „компромис“, а кои никогаш не биле тоа, Македонија доживеа „будење“ кое не само што распрсна нечии лажни, демек „проевропски“ илузии, туку ја изнесе на површина целата позадина и вистинска намера на соседот кој има проблем со името Македонија.

При сето тоа, најновиот грчки ултиматум ги исфрли, како бран на брегот, внатрешните слабости и проблеми кои ги има самата Македонија, па не’ потсети на старата максима дека дипломатијата е само одраз на внатрешните состојби, капацитети и проблеми. Пред се’ и над се’, божем неочекуваниот грчки ултиматум, го признавале ние тоа или не, со сета тежина ни го „плесна“ в лице  отсуството на опстојна стратегија, дециден став (или како тоа грците се фалат: „црвена линија“), но и лојалност кон сопствената држава и внатрешен консензус.

Залудно е сега да се присетуваме и посочуваме „каде, кога и како“ се снело кукавичјето јајце, но доблесно е да се рече, колку тоа и да звучи „антидржавно“ и „антипатриотски“, дека со менување на сопствените позиции „на секоја месечина“; со меѓупартиски трвења и препукнувања; со изместувањето на проблемот од ООН во бриселските кујни и  сервилниот однос кон „пријателите од ЕУ“ – не можеше ни да се очекува нешто друго освен овој максималистички и уценувачки залак на Грција. Наместо на „Кулата вавилонска“ да и’ се кажеше  уште на почетокот дека привремената спогодба, како творба на ООН, не и дозволува на „првата страна“ да го попречува  зачленувањето и пристапувањето на „втората страна“ во меѓународни организации, творби и асоцијаци, македонската политика си даде автогол со трчањето по „пријателите“.

Врв на таквиот неделотворен однос на македонската политика беше неодамнешната еуфорија и со неа „затруениот“ обичен граѓанин дека по победата на ПАСОК работите се менуваат на подобро. Дилетантското претставување на работите дека за нечии интереси кои тие си ги одредиле како национални одлучувал Папандреу, а не Караманлис, зачинето со желбата на Брисел да се прикаже дека се занимава со нас, резултираше со вистинскиот гаф за македонската дипломатија: Груески се кадроса со Папандреу и сите здивнаа, без да се признае дека тоа беше кадро за албумите на ЕУ. Македонија, со ракувањето на Груески и Папандреу, всушност, и’ направи услуга на Грција и ја претстави како земја која сака „соработка“.

Дека авторот на ова писание „не истура памет“ пост-фестум потврдува анализата што на ден по победата на ПАСОК во Грција ја даде за локалната НТВ, недвосмислено укажа дека наспроти наметнатата еуфорија, всушност ништо не се менува во спорот и дека грците ќе се држат слепо за својата „црвена линија“ бидејки за тоа им одат во прилог менливата позиција на македонската политика и сите слабости на македонскиот ментален склоп кога се работи за одбрана на националните интереси. Всушност, за недоследноста на македонските политичари кон иднината и сервилниот однос кон секоја друга земја, па и ЕУ, овој автор укажа уште пред скоро 2 години (на 18.02.2008.) во овде објавената колумна под наслов „Писмо од Миладонија“.

За да не се биде малициозен, па само да осудува, овој автор укажува дека решението за небулозниот спор и излезот од ќорсокакот лежи во повикувањето на ООН да си ги признае недоследноста и неспособноста,  да си го стави „ад акта“ посредништвото и да ги примени и врз Македонија принципите и начелата на Декларацијата на ООН. А, Европската Унија, доколку сака да биде она за што се залагаше изворно, нека бара од Грција, како членка на ЕУ да не продуцира проблеми и спорови со  соседите.

Конечно, срамно е за сите нив, еден историски стар народ кој со историја, култура и писменост, па и христијанството го задолжил светот, да биде ставен на нечија ЛИЦИТАЦИЈА.

                                                                                Никола Маневски
                                                                     (авторот е дипл.политиколог)