Пред нас е денес една иницијатива која има корени и потреба и со тоа побарува и неопходна поддршка . Самиот чин дека влегуваме во процес на уште еден обид за враќање на духовноста на Охрид е елемент кој заслужува одбележување , елемент кој заслужува поддршка . Почит и поклон пред уште еден од светителите кои му ја дадоа светоста на Охрид е она што му треба на Охрид за да може сам да се преосветли , да почне поинаку да размислува.

Годиниве наназад сме поставувале обележја, споменици со кој сме сакале да се гоодрееме. Годиниве наназад помалку самобендисано сме го користеле името Охрид затоа што нам така ни потребало, затоа што не сме смогнале сили да кажеме Јас и Ние,туку сме се повикувале на Охрид, затоа што не сме имале друг избор и затоа што пред себе и пред тој Охрид ние сме само празнина. Охрид и векови после им припаѓа на Климент, на Наум. Ние сме биле тука за момент каков што е овој да се сетиме на нив,  ама не за да побараме прошка туку за да си ги задоволиме своите суети.

Ќе поставиме уште еден споменик. Уште една наша светост, уште еден наш паметник. И тоа е добро. Затоа што без паметниците, ниту нас нема да не паметат. Но, дали откога ќе си ја задоволиме суетата дека еве направивме Ние нешто, дали тоа веќе утре и ќе го почитуваме. Или повторно опиени од нашите невредности и материјалност ќе го направиме истото што му го направивме на Св.Климента. Местото кое требаше да биде свето заради нашата самобендисаност го претворивме во панаѓур. И на суети и на материјални нешта. И тоа токму околу него  и тоа токму за да ни се смеат и потсмеваат на нашата слепост, неукост, простотилак. Направивме циркус од Охрид на кој упорно и упорно сите ни се чудеа, не пишуваа, не грдеа. А ние самобендисани велевме-не мразат, затоа така ни пишуваат. Не не мразат. Сами сме си омразени. Охрид само падна во очите на сите заради неговата возгордеаност, нерганизираност, непочитување…. И падот е незапирлив од година во година.

Но, ете, затоа имаме и вакви години. Имаме и вакви иницијативи (чест на секој еден кој ја дал) кога ни се дава сила и можност да се поправиме, да се воздигнеме ….уште еднаш и уште еднаш и уште еднаш. Можност за да се сетиме дека ништо не сме направиле за Охрид, за неговиот дигнитет, за неговото име.  Можност да се потсетиме дека ако сами си се фалиме не значи дека нешто и вистински сме направиле. Но еве, веруваме во силата дека ќе можеме да се промениме, дека моментот на поставување на уште еден споменик на уште еден наш заштитник е момент кога и ние ќе станеме конечно заштитници на Охрид. Но, вистински на Охрид, не на нас самите и на нашите суети. Затоа застануваме зад Св.Наум со повик дека нема да му го направиме она што му го направија на Св.Климент. Дека тоа тројство заедно со споменикот на Св. Кирил и Методиј, ќе биде пространство на мир во душата, пространство на преродба на душите, простор на света тишина и почит. Простор во кој сите намерници домашни или туѓинци ќе поминуваат со поклонение, ќе ја помирисаат чистината на авата, чистината на преродениот Охрид. За никогаш повеќе да не се повтори срамот и нечистотијата во душата, што ги доживеавме посебно последново лето. Некој секако за тоа треба да сноси одговорност, но одговорност е туѓ збор за самобендисаните.

Ќе му кажеме деновиве добредојде и на Св.Наум. Затоа што веруваме дека ќе ни го заштити Охрид, како и Св.Климент од бури, проклетии, зла. А кој Охрид ќе го заштити од нас самите ……?!?

Дејан Пановски
Охрид, септември Втори, лето две илјади и деветто