Дали засекогаш изумре поимот морална победа?-Дали ставивме крај на правилата на игра?- Дали следните генерации ги тренираат да бидат перфидни место борбени, лажговци место искрени, нелуѓе место луѓе?. Како што кичот е резултат на криза во креативноста, така поимот квази, за жал стана синоним за успешност. Големите уметници често биваат враќани на сцената на бис, а тоа е потврда за високи дострели и сериозни квалитети. Но, во општинските организации на некои политички партии во Охрид, секогаш се враќаат на сцена, лузерите, нечесните и медиокритетите, но овој пат без бис се разбира.

Ќе ми каже ли некој каде им е “внатрешниот суд” на овие луѓе, зошто толкава лакомост на едно место?. – Зошто политиката треба да подразбира играње со приказни?- Тоа се сепак, човечки приказни.

Подготовката за локални избори во нашиот Охрид без липи, но со дупки, со пренатрупана администрација, но со многу невработени, пластично изгледа вака: да се изгласа буџетот по секоја цена, да се искористи еден од најголемите христијански празници за своја промоција, да се шпекулира со имиња на потенцијални кандидати, да се внимава што се изјавува, да се глуми голем хуманитарец, да се прават чудни симбиози на левици, десници, центар, забавњаци, народњаци, да се праќаат потрчковците за лажно да ветуваат, а доколку тоа не им успее, почнуваат да се закануваат.

Драги господа, времето повеќе не ни е сојузник. Пред најбрзите локални избори што може да ни се случат е туристичката сезона.

Ние успеавме да го фатиме и сфатиме локалниот автобус, локалниот интерес, локалниот бизнис, локалниот туризами но никако да го фатиме и сфатиме (не) локален Охрид. Направите план за Охрид, а не план за колку гласови ќе имате. Имајте на ум господо, дека има луѓе што влегуваат во политиката со цел да ги подобрат работите, а не за да се збогатат, но поради нечиво однесување никој не им верува.

Во Охрид има експерти за екологија и за туризам, но вие господа, сепак, повеќе ги сакате вашите партиски војници. Во Охрид постојат луѓе со став, и знаења, луѓе кои умеат, но вие господо, одлучувате да ги игнорирате.

Сите ние треба да се заложиме да ги пронајдаме скриените, да ги направиме тивките гласни, да им отстапиме место на поквалитетните од нас, да ги прифатиме “непослушните” и сето тоа со единствена цел – ДА СЛУШНЕМЕ ДО ПОДОБРИ ИДЕИ ОД ОНИЕ КОИ КРУЖАТ МЕЃУ ПАРТИСКИТЕ ЅИДОВИ.

Зошто понекогаш не разбирате колкав товар од минатото носите на својот грб.? Зошто ви треба време да разберете дека добиениот мандат не значи и победа. Знаете ли каква порака праќаме? Сфатете дека победници ќе бидете тогаш кога возачите ќе бидат во возилата, обезбедувачите пред вратите, преговарачите на масите, младите на работа, пензионерите во пензија, визионерите во својот филм, криминалците во затвор , ѓубрето во контејнерите, урбанистичиот план во служба на градот, Охрид во понудата на странските туристички агенции, итн. итн. Многу е едноставно, само треба да имате желба и најважното:-  претходно да не сте ја продале душата на ѓаволот.

Охрид не смее да биде колатерална штета на нашите политики. Колку ли ќе бевме среќни доколку се изгледаше како градот од скапата реклама на СИ-ЕН-ЕН. Понекогаш, колку и да ни се чини чудно и тешко потребно е да соработуваме на темите Охрид. Во меѓувреме сакам да превенираме од” чудовиштата” кои излегуваат од езерото пред секоја сезона, да не ги делиме работите на задачи на централната или задачи на локалната влас, да не ги кршиме копјата на грбот од градот, и, конечно да побараме одговорност прво од самите нас па после од останатите. И за воља на вистината да признаеме дека сепак некој мора да понесе поголема одговорност.Тоа е природно.

И најголемите атеисти понекогаш велат да не даде бог, и најморалните имаат валкани соништа, и најчесните предизвик за измама, а најхрабрите свои стравови. – Но, тоа треба да биде толку ретко, толку исклучително за да може кога вака пишуваме, текстот да ни добива на вистинска тежина….

п.с јас немам храброст да пишувам за работи кои се однесуваат на бог, немам храброст да го коментирам еден од најголемните христијански празници, ниту пак храброст да бидам судија за чинот, но имам храброст да напишам со среќа на верникот кој го има крстот во свои раце, за разлика од некои кои денес плукаата – тоа не е никако христијански. Сеуште го чекам моментот кога сите ние заеднички ќе аплаудираме и ке сфатиме дека светот одамна е едно глобално село, а за сето останато нека суди бог.

Дејан Блажески

* Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.