Пишува : Дим ДОН – еденод Вас

(Почитувани и скапи пријатели, на почеток од ова мое шесто сочитание со Вас, сакам да Ви заблагодарам и Вам, а и на Охридњуз: Вам за времето и вниманието кое го одвоивте, а Ним за просторот во кој имав можност да побеседам за нас и за нашето секојдневие, за нас и за нашите случувања, за нас и за нашите умувања и друмувања. Ве оставам со свеж дух до следните сочитанија во некои следни времиња, а дотогаш, читајте и пишувајте: размислувајте и гласно, за себе и за Македонија – за нејзино подобро утре!)
    
Македонија е полнолетна и нема само осумнаесет години. Време е, барем заради зрелоста да се однесува зрело како да е (а, е – и мора да ја биде!) самостојна и суверена држава на македонскиот народ, секако, во соживот со етничките заедници кои ги уживаат, во вистинска смисла на зборот, човековите и граѓански права, и тоа според сите европски, светски, добрососедски и секако, рамковни договори!
   
Оваа моја татковина, веќе осумнаесетта година, како ја залажуваат со европско лижавче, со наводно демократско семејство, со ѕвездено, многупетокракно, со божем седмо  небо  на иднината ни наша! Лажење со лижавче  –  со лижење преку европско дотерани стаклени излози. Да гледаш, да бараш, да посакуваш да пробаш, а да немаш  –  да не ти даваат!? Осумнаесет години! Нè условуваат со рамковни, со мартовски,  со мајски, со летни и зимски договори, со прашалници и бенчмаркови, со нивни знамиња, со нивни грбови и со нивни смрзнати северни и фиромски имиња, со нивни добрососедски граници; со втори прекрстени изданија на нашата книжнина и на нашата биднина. По нивно, демек, по европски! Се грижат за правото на секоја тревка и на секоја мравка во нашата македонска земја, а кога треба да се погрижат за земјата наша македонска, каде што виреат сите тие тревки и мравки, тогаш оние, европејците, се прават сите на “французи “ и  на “енглези”! Кога се работи за барањата на Македонија и за правата на Македонците, надвор, во т.н. европска и демократска Европа, тогаш и Баросо и Солана и Рен и сите од еврокорен надлежни(!?), се прават и римјани,-понтијпилати: си ги мијат (а можат ли да ги измијат?) рацете, оставајќи на народот (грчки) да  му пресуди на македонскиот Македонец и тоа на Македонецот од Македонија (а камоли на егејците, пиринците, преспаните и гораните!). Да го прекрсти македонскиот Македонец во европеец без предци и во европеец без потомци; во безлично огледало, во нова табула раса по која ќе чкрта кој како сака  за свои цели и интереси! Македонија, “благодарение” на својот еврокопнеж, на својата евронадеж, на својата наивност, ќе остане, НЕДАЈБОЖЕ, без храбри Македонци, та и без  уплашени “Македончиња”, и дури тогаш ќе биде сеедно како ќе се вика таа оонфиромистичка, таа футурбутуристичка; горна или северна земја,  таа моја татковина без народ, таа моја земја без бранители и земја без домаќини-хранители.
    Мојата Македонија, мојата наивна Македонија, како да живее меѓу две претседавања со Европската Унија, како да живее за пополнување на седници, на прашалници и формулари; како да живее за да им го пополни џебот, пардон работниот ден, на европлатениците, пардон, европратениците, кои со трошки од надеж ја подлажуваат, пардон потхрануваат мојата земја и мојот македонски народ.

 “Вашата земја има значителен напредок.Ги исполнивте потребните критериуми, ама…името…”  – велат оние што фарисејски  ни се потсмеваат и нудат некакви препораки и сугестии. Уште малку ни требало и ќе сме биле на чекор од Европската Унија! ”Не умри магаре до зеленả трева”! Уште малку! Уште колку?! До кој датум?! Какви се и од кого до кого  се овие препораки? Препорачуваат Тие истите –  до Нив истите! Демек од Комисијата  на ЕУ – до Советот на министри на земјите на ЕУ! Како овие од Комисијата претходно да не се консултирале со своите министри и премиери!? Да видиш – да не веруваш! И, еве, ќе дојде Декември и Декемврискиот Состанок, а тогаш, оние Јужнине, пак со истото оружје и со истата закана: нема ЕУ за ФИРОМ! Не – без ново име! Нема Република Македонија без Северна!… Ете, тоа е Европа и тоа ти е европска демократија: 500 (петстотини!) милиони Европејци, жители на демократски земји од демократска Европа ќе бидат надгласени од 12 милиони  Грци! Ама, велат, не било до демократијата, туку тоа ти бил консензус!  А, поентата иста: ИМЕТО или нема датум! Не! Мислам дека веќе не е ни до датумот, туку до умот! До умот наш наивен и кус, што не сме запнале со друго барање. Еве, на пример: да ги замолиме да не нè чепкаат! Не сакаме во Европа! Уште поточно и подостоинствено: не сакаме во Европа без Нашето Име, без Нашето Знаме и без Лавот – Нашиот Грб! Сакаме сами да одлучиме со кого и какви сојузи ќе правиме! Сакаме да бидеме прво свои на своето! Сакаме да влеземе како Македонци со македонски нишани! Не сакаме Европа во која само ние ќе бидеме граѓани од “ничија земја”, од “ оваа земја”, од “Вашата земја“ – “немакедонци од Немакедонија”!

Ние – народот, не сакаме, ама, ете, се родила Власт што ние сме ја изгласале и така изгласала! Чунки, Власта – тоа сме сите ние! Е, тоа ти е, веќе, демократија! Ако Власта решила така, тоа ти е, значи, како да решиле повеќе од педесет по сто! Тоа ти е тоа! Како и да гледаш: Косово  ти е на север, Албанија на запад, Бугарија на исток, Грција на југ, а Америка и Австралија – ептен далеку! “На каде  и да се свртиш, одназад ти е – газот !”- рекле напатените. А кога сме на страната на која ни е газот, тогаш барем него да не го ставаме под кирија, оти после е доцна и за каење и за уживање! “Од глаата си патиме”, се рекло, но во овој случај, не од кај што “смрди рибата”, туку од својата глава и од својот ум, што им дозволивме да ни влегуваат и од напред и од назад и од кај ќе стигнат да ни се пикнат под кожа – не само европлатениците и европос(р)едниците, ами и нашите пратеници и нашите слаткоречиви, чиниш, ”лицем светци” водачи и команданти! Затоа, прескапи мои пријатели, потсетете се на моите зборови од пред месец дена: Умот в гла’  и  – прстот на умот! А, следниот пат, ако не сакате да им се придружите, тогаш – убедете ги или победете ги! На избори, се разбира, а не в планина! Доста е веќе! Навистина, на сè треба да има Граница! Но, да сè знае што е – чие е, и чие – до каде е!

П.С. А, што ако Европа се распадне, или, недајбоже, ако некој проевропски или воневропски нè нападне?! Мислам, прашања разни, нели?! Кој тогаш нас ќе нè одбрани, како што ние ги одбранивме Босна, Ирак и Авганистан?! ГОСПОД ДА ЧУВА И ДА БРАНИ!
   

                                                                                Авторот е претседател
                                       на Здружението на граѓани
                                                                                       РОДОЉУБИ СВЕТИ ИЛИЈА