На магарето му велеле: да не умират за јаедење до на пролет….ќе пораснела зелена трева…. А тоа било сред зима!

Ако навистина се изгради модерен мултифункционален спортски центар во Охрид тогаш сите ќе сме победници. Дури и на непријателите ќе им биде драго. Само овој пат да не биде цела приказна како нови планови стари ветувања…

Во голем дел од Македонија има млади генераци кои во последниве 20 години се израснати без никакви или минимални спортски услови. Изградената инфраструктура во поранешна Југославија се уништи така. Пропадна. Без инвестиции и реновирање. Две децении има можеби 10% чекори. Време е за нешто ново. Ги гледам и читам изјавите од градоначалникот Никола Бакрачески по локалните медиумите. Јас не сум политики определен ни за едните, ниту за другите. Ја скенирам ситуацијава со свеж хеликоптерски поглед. Според градоначалникот кај Билјанини извори ќе има само простори за спорт. Услови, можности за генерациите во следниве 100 години. Негов подарок. Ова звучи пре убаво, позитивно и благодарно за народот.

Планов не да е амбициозен. Пре-амбициозен е. Имам 51%-49% доверба во се. Ама сега конечно треба ред и работа. Строга дисциплина. Исто како топ-спорт. Професионално да се бори за некоја заедничка цел. Победа за охриѓаните и цел регион. Со 110% фокус. Познати се сите стандардни позитивни ефекти околу спортот и здравјето. Покрај спорт има пријателство, битка, дуели, победи, порази, научни моменти, тактика, психологија, „намешталки“, гнасни игри, неуспеси и успеси. Со солзи и насмевки. Се на терен. Во време и невреме. Тимски или индивидуално. Исто како во секојдневниот живот.

На Охрид им се потребни луѓе со спортско срце и душа. Ги има. И тие што ги познавам лично имаат стварно голема желба. Луѓе полни со планови, сонови, идеи. Нестрпливи за да направат нешто. На вакви луѓе треба да им се отвори и ослободи патот за остварување на желбите и спортските активности за градот. Не да им попречуваат погрешни неспособни карактери со свои интереси, агенди. Со други намери, од љубомора, намерно, од незнаење, или партиски. Потребен е спортски тим. Исто како во вистинскиот спортски свет. Заеднички. За цел проект мора да има микс од спортски стручњаци, визионери и луѓе кои имаат самите практикувано спорт. Да се направи мешавина со администратвни работници, правници и други заинтересирани, образовани, со спортска крв. Најважен услов за успех е: секој еден да си ја гледа  работата во која има познавања. Во Македонија на пример во банка чуварот кажува комплицирани матни филозофии на неговиот директор како да се води мултимилионерска фирма. Нека се користат од секого силите и талентите отколку маните, глупостите и празните кафеански трач муабети. Така може Охрид да тргне во успешна спортска трка.

Здравје после пет години да гледаме деца млади, средношколци, студенти, активни пензионери да спортуваат масовно рекреативно и клупски во секакви дисциплини. Не треба се да се централизира и инвестира само во Скопје. Како центар на државата. На пример во Кочани, Штип, Гевгелија, Прилеп, Дебар, Ресен исто се потребни нови спортски услови. Охрид е да бидиме реално, посебна приказна. Мора да има малку повеќе предност како златна визиткартичка, како лице на државата.

Од мал мојата љубов ја посветувам на Охрид. Како голем љубител на татковината се трудам да го вложам моето искуство и знаење. Како новинар, репортер со широка пракса и доживување по секакви светски мали и големи настани сум бил сведок на тоа што е можно во спортот. Гледам на кој начин и со кои услови тоа се работи. И гледам што не треба да се прави. Приватно формирав своја фондација. Со мали (но вредни) проекти и донации им помагам на граѓаните во Македонија доброволно. Верувам во спортската идинина на Охрид. Со едно критично и со едно позитвно око. А ако можам јас, никој и ништо, тоа да го правам тогаш каде се другите, големите играчи во Македонија.

Проектов е милионски. Некој треба и мора ова се да го плати, ама кој и како? Од каде? Тоа мора да се среди. Приватни инвеститори од разни македонски фирми треба поактивно да се пријатели со спонзорство во спортот. Преку фирмите да стануваат пријалтели, амбасадори на спортот на локално ниво. Не само на државно ниво. Со нивните инвестиции ќе овозможат повеќе средства за спортот и за остварување на детските сништа. Владата, Агенцијата за млади и спорт треба повеќе да инвестираат во Охрид. Не само да ветуваат за време за избори. Каде е Македонскиот Олимписки комитет, каде е фудбалската федерација, каде се другите федерации. Сите заедно да направат нешто и за Охрид. Не само во Скопје. Еднаш треба конечно да се исфрлат партиските финти. Тоа се’ кочи и уништува. Треба без разлика на политичката идеологија еднаш конечно да се инвестира во и за нарадот. Црвени, плави или мултиетнички, тоа не треба да се меша со спорт. Тајната на спортот е: сите пријатели и непријатели нешто заедно да направат на терен. И да бидеме сите среќни, како тим Македонски.

За Охрид може да се напишат 133 планови, програми и можности за како да се води спортски центар за сите возрасти. Во спортот треба големо трпение. Секој спортски успех, од било кој тим или индивидуалец е некогаш почнат со своја приказна. Со крв, пот и солзи. Преку обиди и грешки. Со пречки. Со среќа. Со просперитет. Со надеж. Во спортот нема никакви гаранции. Ама спортистите веруваат во себе. Одат со вежби и тренинзи повторно на истото. Иако има застој и несреќи на патот. Најдобрите топ-спортисти не се предаваат. Силните ќе преживеат. За тој единствен сонуван сон. И тие тогаш се славни со златен, сребрен или бронзен медал. Прво да се засади, па после некое долго време да се жнее.

Пред да се надеваме како магариња среде зима на зелена трева, прво да видиме па после да веруваме во реалноста.

Владо Велјаноски
новинар на холандската телевизија НОС Студио Спорт

*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.