Многумина ми сугерираа да пишувам колумна за нефункционирањето на службите и проблемите од наврнатиот снег. Се извинувам, но како што постојат теми кои ги надминуваат моите квалификации, така постојат и теми кои се премногу минливи за да заслужат внимание. Снегот за брзо ќе стане лански. Но. тоа не смее да важи за човечкиот живот.Колку ли ќе бевме среќни ако како што коментраме за снегот, имавме храброст да коментираме  за Смилковско езеро, влзот во ЕУ, непочитувањето на рамковниот, амнестирањето на хашките случаи, огромната сиромаштија,пропаѓањето на  јавните претпријатија, стечајот во ЕМО и уште многу многу погорливи проблеми.Во стилот на Рамковски, тоа би звучело:”И снегот се претера”. Оваа колумна одлучив да биде еден вид предновогодишен осврт на поентите од сите колумни напишани оваа година. Можеби како читатели сте извлекле други поенти, но ова се моите. Редоследот е заради концизност, не по значење.

.Аналните алпинисти сега се на цена и сцена. Но, кога ќе се згаснат светлата поради неплатени сметки, кога гламурозните одела во политиката ќе бидат минато како резултат на празниот желудник, а сценографијата ќе се распадне поради неодоржување, целата таа сцена ќе биде само една обична шупа каде аналните алпинисти ќе настапат последни. Младите луѓе ќе бидат публика која во манирот на доброто воспитување повторно ќе ги испрати со аплазуз. А, можеби и со овации, но без довидување.

·Денес имам чувство дека новинарското перо пресуши, омекна критиката, а експертот затаи. Денес има огромна тишина. Но, тогаш кога владее најгласната тишина, воопшто случена на политичката сцена во државата, тогаш е тивко затоа што народот зборува сам со себе.

·Моќта која произлегува од позицијата, никогаш не може да биде еквивалент за реална храброст, затоа што и зајакот никогаш не може да биде лав, па макар бил и див. Да не се сфатиме погрешно, но борбата преку нарачани текстови, закани и спинувања е зајачка борба, никако лавовска.

·Тажно е што еволуцијата на човечкиот род е обратно пропорционална со технолошкиот развој. Во еден поранешен систем, машнитие кои служеа за помош во работата се викаа ‘идиотски машини’, а луѓето кои ги користеа се нарекуваа работници. Денес, успеаа од нас да направат идиоти, а да ни продаваат таканеречени ‘Smart’ машини.

·Во оваа земја аргументите станаа особина на лудаците, а шпекулациите маестрланост на моќните.Праксата покажува дека личностите во политиката, самите си го организираат својот политичкиот погреб, истовремено заминувајќи со најевтиното достоинство. Не би шпекулирал за понудите, но не смееме да заборавиме дека побарувачката за човечки души на политичкиот пазар е огромна.

·Во меѓувреме дозволивме да ни шефуваат оние кои беа со најслаб просек во генерација, оние кои немаат никакво минато, дури ни лошо. Оние кои функционираат по принципот печурка. Малку влага, малку топлина и ете ги на површина. Општествената корист од истите е еквивалентна на нула, затоа што во најголем дел од нив се отровни.

·На сите ѕвона трубиме како на оваа земја и фали систем, заборавајќи дека него го воспоставуваат луѓе и истиот треба да го почитуваат луѓе, а не вонземјани. Кога ќе сфатиме дека ние сме системот?. Ние, за огромна жал, сме поборници на теоријата, дека за алкохоличарот е виновен продавачот на алкохол, за проституцијата виновни се јавните куќи, за болниот гревовите, за починатиот Бог, а никако ние самите . Секаде вина, само не во нас.

·Автоцензурата налага многу повеќе воздржаност од која и да било наклонета уредувачка политика. Кога ќе ја доживееш, игнорираш дека тоа ти се случува се до моментот, кога чувствуваш дека даваш преголем простор на квази експертите да зборуваат, а граѓанското општество да молчи.

·Во човечката природа е да се застанува на страната на победникот, на страната на моќниот и на страната на мнозинството. Со оглед на ваквото поимање, погребувањето на квалитетот како и на различноста е неминовност, нешто што ни се случува секојдневно, јавно и без никаков пардон.

·Сите ние треба да се заложиме да ги пронајдаме скриените, да ги направиме тивките гласни, да им отстапиме место на поквалитетните од нас, да ги прифатиме “непослушните” и сето тоа со единствена цел – ДА СЛУШНЕМЕ ПОДОБРИ ИДЕИ ОД ОНИЕ КОИ КРУЖАТ МЕЃУ ПАРТИСКИТЕ ЅИДОВИ.

·Знам дека после ваквите колумни многу потешко поминувам во политичките кругови, но многу полесно помеѓу народот. Тоа е мојата цел, за вашата незнам. Вашата политика е како мајонезот, одлично вкусен но опасен по здравјето. Јас одамна престанав со негово користење. Секој голем пожар е од искра, секој  голем врисок е од еден глас, секој голем подвиг почнува од еден мал почеток. Интелектуалната револуцијата започнува со еден, но ние младите сме многумина.

·И најголемите атеисти понекогаш велат да не даде бог,  најморалните имаат валкани соништа,  најчесните предизвик за измама, а најхрабрите свои стравови. – Но, тоа треба да биде толку ретко, толку исклучително за да може кога вака пишуваме, текстот да ни добива на вистинска тежина….

п.с Среќни празници. Нека животот ни има поголема цена од “Снегот лански”.

Дејан Блажески
(авторот  е докторант од областа на економските науки)
Либерално Демократска Партија


*Ставовите изнесени во рубриката
Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси
одоговорност за содржината на истите.