Дека владата  во водењето на внатрешната и надворешната политика на една држава е секогаш партиска влада, никаде не може да се види појасно отколку во постоењето на парламентарна опозиција, која што настапува против мнозинската влада во парламентот. Со право, покрај владата, во политичката социологија опозицијата се нарекува и втор двигател на политиката. Постоењето на опозиција пред се ја спречува владеачката партија да се идентификува со државата, да постане државна партија и своите интерпретации на општото добро да ги прогласи за единствено важечки и апсолутни.

Две основни убедувања кои спаѓаат во основни елементи на демократско државно уредување во основа ја одгоиле институцијата парламентарна опозиција. Пред се тоа е убедувањето дека демократијата добива на динамика со помош на (или преку) социјалните и политички конфликти. Само во континуирана борба на мислења се доаѓа до политички точки со чија помош можат да се разрешуваат настанатите проблеми во едно општество.

Граѓанските иницијативи, партиските ограноци и интелектуалци

За потребите на нашата заедница, ќе го префрлам фокусот на анализата од државно на локално ниво, каде што граѓанинот непосредно ги артикулира своите желби и ги реализира своите потреби. Преку настанатите граѓански иницијативи и нови социјални движења, општествената опозиција на Запад децении наназад доживува нов интензитет во креирање на општествената иднина. Во најголем број случаеви се работи за иницијативи и движења кои третираат или се поттикнати од проблеми кои непосредно ја тангираат локалната заедница и треба да придонесат за решавање на локални проблеми во интерес на граѓаните. Во пресрет на најавените парламентарни избори неизоставно се поставува прашањето за флексибилноста на политичките партии (посебно најголемите) и нивните локални ограноци за прием и интеграција на граѓанските форми во своето делување и нивно вклучување во процесот на креирање на локалните политики на истите.

Сосема е очигледно дека делувањето на граѓанските организации и неформални групи кои јавно би застапувале надпартиски инетереси е замрено, недоволно транспарентно или разводнето во партиските структури. Исто така е сосема очигледно дека, од една страна позициите на ваквите граѓански иницијативи се сметаат за непримерни на постоечките владеечки државни или локални структури и со самото тоа се под удар на политички критики, а од друга страна самите здруженија и неформални групи покажуваат голема нефлексибилност во одбрана на своите граѓански интереси. Освен пак политиките на критика на се што не е наше, очигледно е дека локалните политички структури (сеедно дали владеачки или опозициони), никако не наоѓаат начин ваквите групи и иницијативи да ги интегрираат и артикулираат во своите програми или секојдневни активности. Стравот на партиските структури од губење на сопствената доминација на локалната политичка арена од вклучување на организации и поединци, интелектуалци во своите структури напросто ги парализира како носечки политички фактори во задницата. Терминот “Интелектуалец” пак овдека го употребувам сосема различно од она што го преtставуваат политичките структури, за кои што интелектуалец е секој што има минимум вишо образование,  па затоа и мавтаат пред јавноста со структурата на своето партиски тела и членство со нивните академски титули.  За разлика од таквото поимање на нашите “локални интелектуалци”, го преtпоставувам ангажираниот интелектуалец, кој што има доволно знаење, личен интегритет меѓутоа и чувство за сопствена интелектуална независност своите ставови и визии јавно да ги артикулира и соопштува во јавноста,  како сопствен придонес во креирањето на иднината на заедницата. Во овој текст би одземал премногу простор доколку би ја земал за анализа општата девалвација на последната соцреалистичка реликвија – дипломата, која сама по себе не докажува ниту нечие знаење а уште помалку нечии интелектуализам, посебно во модерниот свет на доживотно учење и развој на вештини и познавања кои бараат секојдневна лична надградба.

Во граѓанските иницијативи и интелектуален ангажман мора да се артикулира основното демократско барање за повисоко и поделотворно учество на граѓанинот во политиката. Ваквите иницијативи мора да го исполнат предизборниот простор кој што во модерната западна политика (а со самото тоа и кај нас)- станува се посложен, со најразлични дејствија и активности а со тоа има и многу важна функција во развојот на нашата локална заедница. Локалните политички структури, затворени во своите тесни кругови на “молчеливи квази-интелектуалци” и без желба на граѓаните да им се овозможи слободно да ги артикулираат своите потреби, се повеќе се осудени на неуспех во политичката арена. Таквиот начин на делување само ќе доведе до забрзано топење на локалните политички структури во еден вид на форми на заедници за реализација на лични интереси.

Доколку главните носители на политичките функции во локалната заедница изнајдат храброст и волја себеси да се отворат за граѓанските и интелектуални  иницијативи, ќе се избегне процесот на сопствено отуѓување од заедницата и нејзините граѓани. Праксата на задоволување на сопственото его од бурното ракоплескање на партиските приврзаници на партиските трибини доведува само до забрзана самоизолација, нереални проценки политички проценки и замор на човечкиот материјал.

 За опозиционите партии, превземањето на овие прашања и консултативно решавање на проблемите е од посебен интерес, бидејки само на тој начин ги зголемуваат своите шанси за добивање на гласовите на бирачите, (за Охрид е специфично што и двете најголеми политички партии се наоѓаат и во улога на опозиција и во улога на власт) во зависност од тоа дали третираат прашања на локално или национално ниво. Тие ќе мора да соберат и храброст и фантазија да креираат локална клима, која ја одобрува политичката караница во позитивна смисла, и која ќе креира политичка атмосфера која нема да се базира само на критика на другиот,   туку многу повеќе на проекција и јавно изнесување на свои визии, планови и решенија на проблемите.

Горан Мицкоски