Изминаа неколку месеци од моето апстинирање од колумната. Да не го направев ова не ќе бев ни свесен колку ми недостасувала како форма на изразување. Помина малку време, но доволно долго за да расчистам со чувствата. Доволно долго за многу работи да си дојдат на своето. Доволно долго за да ја погледнете промената кај луѓето. Жално е човечкиот род да се споредува со глодар, но толкава наезда од глувци не смее да се игнорира. Кога почна да тоне осумгодишниот брод, во чија организација учествувале токму глодарите, тие први ги ставија појасите за спасување и почнаа да скокаат во вода. Нормално, со појаси за спасување во боја со која подобро би поминале кај истражните органи првично, а после тоа и кај новата раководна структура. Дел од нив, оние со поголемо искуство и со побезобразна интуиција отидоа да бацат рака уште пред изборниот исход, надевајќи се на повластена положба после неморалните средби. Лојален остана само народот.

Жално е што морав да започнам со ова, но со мојата политичка чистина, кога станува збор за купопродажби ми дава огромна комоција да можам да бидам горд на мојата лојалност кон гласачот. Оваа улога не е ни малку лесна, но кога на улица коментарите се добри, веќе не е важно што мислат фрустрираните губитници кои се криеја во своите домови кога требаше да излезат на мегдан, нити пак што мислат неизживеаните победници кои имаат погрешно поимање за политиката.

Погрешното поимање на политиката, празните флоскули, медиокритетите, политичкото неискуство се дел и од новиот Совет на општина Охрид и кај двете страни. Никако не можам да ја раберам дрскоста на дел од мнозинството кое заборава дека пред нив не стои само личност од опозицијата, туку напротив пред нив седат десет илјади гласови, односно десет илјади граѓани. Истовремено иритира и депримираноста на опозицијата.

Мнозинството не треба да заборави дека сите наши дискусии само ги доближуваат до подобри одлуки. Како претставник во советот, страшно ме револтира скандираното зборување. Партиската болна субјективност, површното образование, зборувањето со поглед кој гледа секаде освен во очите на другите. Многумина мислат дека со подлизување ќе бидат поуспешни, дел од нив мислат дека принципот Трнорушка е најлесната форма на преживување.Ова важи и за мнозинството и за нас од опозицијата. Морам да потенцирам дека постојат и луѓе од кои може и тоа како да се научи, кои целото свое воспитување позитивно, се разбира, го пренесуваат не само со зборувањето, туку и со начинот на седење, стоење и гестикулирање. Најважно од се е, да не заборавиме дека светот не започнува со нас. Да не се однесуваме со политиката како со хоби. Затоа што ако сакате нешто да ви биде хоби платете го сами, а не со пари од народот. Континуитетот е важен за еден развој, затоа наместо груби сечења, надополнете, залепете, продолжете.

Народната казна е долг што сите ние кои се занимаваме со политика ќе го платиме. Произлегуваме од народот и истиот не отповикува. Јас можам многу комотно да пишувам, а и сум пишувал со негодување за работата на поранешниот Градоначалник, затоа што ЛДП овие години отсуствувала од институциите на системот. Имам морален кредибилитет за тоа. Но, денес да удираш бокс по некој кој е во “нокдаун” е нехумано, а во исто време и лицемерно. Со дел од тие луѓе јас поминав една изборна кампања. Мене не ме интересира нивното мислење за мене, јас одговарам само за сопствената човечност и толку.

Јас сакам да верувам дека ќе ги напуштите стегите на ограниченоста во борба за подобро утре, без да се бараат изговори во минатите погрешни одлуки, затоа што идните генерации очекуваат конкретни работи а не обвинувања.

Оваа колумна би ја завршил исто како што ја завршив првата пред повеќе од една година и која се однесуваше на претходната гарнитура. Верувајте дека покоректно е да се биде постојан опонент отколку слаткоречив подлижувач. Можеби не сум во право, можеби грешам, но мислам дека е добро за почеток да се имаат предвид овие реченици. Мнгоумина знам дека ќе се пронајдат и ова е токму за нив, без нити малку случајност. Секогаш треба да сме внимателни со трутовите кои летаат околу нас кога сме на позиција и константно да се потсетуваме дека не се пчели. Тие само знаат да живеат на сметка на матицата. “Сфатете дека победници ќе бидете тогаш кога возачите ќе бидат во возилата, обезбедувачите пред вратите, преговарачите на масите, младите на работа, пензионерите во пензија, визионерите во својот филм, криминалците во затвор , ѓубрето во контејнерите, урбанистичиот план во служба на градот, Охрид во понудата на странските туристички агенции, итн. итн. Многу е едноставно, само треба да имате желба и најважното:- претходно да не сте ја продале душата на ѓаволот”. Не баш лесно, нели?

Дејан Блажески
Либерално демократска партија
(авторот е докторант од областа на економските науки)

*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.