Претпоставувам дека многумина ја знаат приказната за царот, кој дал наредба, за секој поданик, да донесе чашка со вода , за да може да се наполнат каналите што ја обиколувале тврдината, кои служеле за заштита на царството од непријатели. Крајот на приказната се знае. Празни канали и незаштитено царство, затоа што секој поданик мислел, дека неговата чаша вода е многу неважна во однос на количината вода со која требало да се наполнат ископините. Крајот на оваа приказна, е почеток на денешнава колумна и доказ за непромената свест на луѓето и ден-денес.
Тажно е што еволуцијата на човечкиот род е обратно пропорционална со технолошкиот развој. Во еден поранешен систем, машнитие кои служеа за помош во работа се викаа ‘идиотски машини’, а луѓето кои ги користеа се нарекуваа работници. Денес, успеаа од нас да направат идиоти, а да ни продаваат таканеречени ‘Smart’ машини. Далеку од тоа дека сум фан на поранешниот систем, но сеуште неможам да сфатам во кој систем живееме денес.Транзиционата приказна оддамна требаше да е минато, но секој ден се повеќе за жал станува наша иднина. Истата, актуелната влас ни ја рекламира секојдневно, место да се погрижи за утрешниот ден. Да релативизирам, тоа исто, како јас да ги убедувам моите гласачи дека за поразот на ЛДП во Охрид се виновни моите воспитувачки од градинка. 
Многумина, пак , во својот вокабулар, кој реално е базиран само на’ Зоки Поки’ литература и ништо повеќе, честопати изјавуваат дека не ги интересира политиката, мислеќи дека така е трендовски, капиталистички, правеќи се намерно слепи или пак, вистински немајќи сенс за реалноста. Пуста желба да бидат млади капиталисти, во пострауматска социјалистичка земја, која никој не се обидува да ја опорави. Капитализмот и пазарната економија бараат огромни предзнаења, сериозна работа и не трпат импровизации.Треба да се созрее за истото. Не е доволно, да се користат поимите ‘бренд’, ‘фенси’ и да се кулира. Знаете ли дека ‘кулрање’ преведено на македонски е мекнеење. Размислете дека каналите на оваа земја се без вода. Мораме да се заинтересираме за сопствената чашка вода, за сопствената одговорност, за сопствената земја. А, потоа можеме да мекнееме или кулираме. Сеедно. 
Кога ние ќе ја однесеме својата чашка вода за каналите на оваа земја? Како да станавме нација која слободно може да се вика “далечински управувач”. Затоа што или ни диктираат како да се однесуваме, или пак единствена активност ни е стегањето по копчињата на далечинскиот управувач, коментираќи ја работата на другите, најчесто негативно, без притоа да сме свесни за соствената пасивност и хемороидните последици од истата. Типично балкански. И, никако да ни текне дека ние самите мораме да се погрижиме за себе, со преземање акција и иницијатива, без страв, без ограничувања и без предрасуди. 
Место, секој од нас да се потруди да ја однесе сопствената чаша вода и да ја исполни сопствената обврска, што јас би го дефинирал како општествена одговорност, ние по линија на помал отпор, чекаме тоа да го направи комшијата, чија коза оддамна е почината. Занете и зошто. На сите ѕвона трубиме како на оваа земја и фали систем, заборавајќи дека него го воспоставуваат луѓе и истиот треба да го почитуваат луѓе, а не вонземјани. Кога ќе сфатиме дека ние сме системот?. Ние, за огромна жал, сме поборници на теоријата, дека за алкохоличарот е виновен продавачот на алкохол, за проституцијата виновни се јавните куќи, за болниот гревовите, за починатиот Бог, а никако ние самите . Секаде вина, само не во нас.Тогаш, за ваква држава се прашувам кој е виновен? Неисполнетата обврска за чашката со вода, одговорно тврдам. 
Денес, додека ја пишувам оваа колумна, дел од уметниците, учесници на Охридско лето, место, да се концентрираат пред настапот, истите ја трошат креативната енергија, со цел да добијат оброк и платена ноќна смена. Жално. Ваквите врвни уметници треба да имаат список со барања, а не ваков примитивен третман. Иронијата да биде поголема, во првите редови ќе седи државниот врв, вовлечен во своите скапи одела со некултурните пивски стомаци, и кои повеќе од сигурно е дека овај културен настан ќе го проселедат без да платат влезница.Ќе аплаудираат со цела своја сила, без нималку чувство за одговорност за ваквиот третман кон уметниците и амбисот до кој ги доведоа.
Можеби и царот кој беше спомнат на почетоков од оваа колумна, не плаќал влезница, но повеќе од сигурно е дека одлуките кои ги носел, биле во служба на царството или на државата, како сакате. Денес, сите одлуки, се одлуки, во служба на неколкумина. Ние дадовме амин, а чашката со вода ја испивме. Батали ти, канали. На оваа жештина, со овој код, ние како народ знаеме да си ја спасуваме само сопствената душа, а понекогаш и истата да ја продадеме за многу малку пари на ѓаволот. Па, и ништо дуго не ни остана.
Дејан Блажески
Либерално демократска партија
(авторот е докторант од областа на економските науки)

*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни не се ставови на OhridNews, туку се ставови на авторите и редакцијата на ел. весник не сноси одоговорност за содржината на истите.