Навистина не можам да си поверувам!

Ова дефенитивно е светот чиј крај е на прагот. Во други околности само би дал една воздишка, како и досега. Но ОВА навистина ја докрши Македонштината, а и мојата трпеливост.

Една слика која што значи уште безброј нови лелекања и солзи:
Официјално од вчера, после свечена церемонија под отворено небо, на дожд, нов министер на МАКЕДОНСКАТА АРМИЈА е господинот Талат Џафери – никогаш заборавениот УЧК КОМАНДАНТ ФОРИНА. Тоа е човекот кој, или лично ја убиваше или даваше наредби да ја убијат истата таа Aрмија која што сега ја застапува со потпис и печат!

Армијата беа, и се, нашите татковци… нашите браќа… и нашите деца… Македонија е нешто што ним им се должи. Должници сме сите ние. Безусловно!

Јас сум, партиски, фала Му на Бога, НЕопределен. Ниту сум нацист, ниту сум расист. Напротив, се сметам себе си за човекољубец. Впрочем и моите лик и дело одат ЗА Народот, без разлика на која вера и националност припаѓа. Но, нема ништо човекољубиво во узурпирањето туѓа територија и убивањето на тамошното население кое по секоја логика на разумот си го брани домот.
Идејата за Голема Албанија, на сите нам ни е добро позната. Познат ни е и изборот на страна на сегашниот министер за време на војната во 2001. Избор кој се обиде и самиот да го прикрие за време на избирањето министер – во неговата биографија стои дека бил офицер во ЈНА од 1985 до 1991 година, потоа (од 1992 до 2001) бил офицер во АРМ, па во 2002 станува пратеник и потоа заменик-министер за одбрана и повторно пратеник во два мандата. Прескокната е 2001 година. Сите знаеме зошто, не?
Истиот со молк ги опструираше расправите на законот за бранителите.

До каде вака, НАРОДЕ МАКЕДОНСКИ?!

Или ова е она што Загинатите го заслужија? Најверојатно… а?

Не е проблемот во господинот Џафери, ниту во тоа што бил – сите грешиме постојано и сите имаме шанси да се покаеме и поправиме пред Бога и луѓето. Проблемот е во тоа што овој потег е буквално плукање во лицето на Мајката која никогаш повеќе нема да го види својот син. Ниту еден насмев… ниту еден збор повеќе. Нема. Толку. Тоа е. Ме разбираш?!
Оваа нималку дискурзивна одлука на власта во овие, тешки за живеачка, времиња, е навистина низок удар. Најверојатно зад ова стојат, Бог знае дека не осудувам, големи пари.

Па уште се бориме за името!

Покрај вакви крајно абнормални делувања, немаме право на името Македонија. Македонија значела нешто друго. Навистина била варварска и неморално уредена империја, но барем била СВОЈА НА СВОЕТО.

Се надевам дека мојот аналитичен метод на пристапување не ги навреди чувствата на народот од албанска националност, бидејќи мојата намера воопшто не е таква. Напротив, меѓуетничките недоразбирања и надмашувања не одат во прилог на ниеден етнос. Човечкиот етос не ретко ги пречекорува етичките и моралните граници и се трансформира во бестија, со што навлекува проклетство на себе и околината. А за зло, не треба многу. Не е ова кавга, за да требаат двајца. Злото е Ѓаволот, а тој не е ниту православен, ниту муслиман, ниту атеист.

За тоа сме си виновни самите, по секој основ. Народот ја формира власта и ја држи во своите раце. Само замислете го МАКЕДОНСКИОТ НАРОД како коридира во спротивна насока на собраните функционери од било која партија и нација. Тоа е таа моќ! Тоа е она од што и најсилните стравуваат! А кај нас е обратно: скапите одела доминираат над напатените и намачените очи и раце.

Радован Попоски-Bizzy

*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.