Проблемот со кучињата скитници во Охрид е континуиран и тоа е појава која ги мачи и другите градови во земјава, сметаат во ЈП „Охридски Комуналец“ под чија капа работи Шинтерската служба задолжена за справување со кучињата скитници кои во последниот период се намножија во градот.

„Има појава на кучиња скитници на периферијата од градот, поради што се обративме за помош во полицијата и Ловечкото друштво-Охрид“, вели директорот на Комуналец, Боро Павлоски. Проблемот со кучињата скитници повторно е актуелен и за негово решавање потребно е да се преземе поширока акција во која ќе бидат вклучени членови на Ловечкото друштво, која се разбира треба да биде одобрена од МВР, објаснува Павлоски.

Тој информираше дека ЈП „Охридски Комуналец“ се обратило до СВР Охрид со барање за набавка на  специјални пушки за успивање на кучињата скитници, со што според него ефикасно ќе се реши проблемот кој со години го мачи Охрид. Ниту една Шинтерска служба во Македонија нема такви пушки кои сметам се вистинско решение за проблемот, вели Павлоски. Според него Шинтерската служба при јавното комунално претпријатие во Охрид успешно работи, но за решавање на проблемот со кучињата скитници е потребна поширока акција.

Г. Момироски