Концерт на уметничките од Албанија, Викена Каменица – мецо сопран во пијано придружба на Мерита Реџа –Тершана, вечерва во рамките на фестивалската програма на „Охридско лето“. Концертот е со почеток од 20 часот во црквата Св.Софија.

Викена Каменица е една од најпознатите оперски пејачки на нејзината генерација во Албанија.Таа е ќерка на оперски пејачи, успешно ги завршила студиите на Музичката академија во Тирана, а во периодот од 2004-2006 продолжува да студирана ЦЕЕ Музичкиот театар во Виена каде работи со Илеана Котрубас и Бернд Вајкл.

Концертите се значаен дел од карирата на Викена Каменица, па така, таа настапува со дела од: Мануел де Фаља, Вивалди, Дворжак, Перголези, Бетовен, Брамс и Вагнер.

Особено се истакнува со циклусот „Зимско патување“ од Шуберт кој го изведува во придружба на Мерита Реџа -Тершана. Покрај со класичната музика, Викена настапува и како џез пејачка и во изведба на мјузикли во кои ги пее улогите на Есмералда во „Грбавецот од Нотр-Дам“, Мама Мортон во „Чикаго“, г-ѓа Монтеки во „Ромео и Јулија“ и др. Викена Каменица е омилена кај албанската публика, токму поради нејзината целокупна музичка личност како и поради исклучителното сценско присуство.

Критиката, публиката и медиумите ја сметаат Мерита Реџа -Тершана за една од најактивните уметници на албанската територија, и таа продолжува да гради кариера полна со нови достигнувања. Добитничка е на импресивна бројка на национални награди како Изведувач на годината на албанскиот фестивал за современа музика во 1996, Изведувач на годината и добитник на Култ наградата во 2010 и 2016.

OhridNews