По долгогодишните најави, златната маска, златните предмети и парчињата златен накит кои се пронајдени во Охридскиот регион, конечно ќе бидат достапни за разгледување во Охрид. Од Охридскиот Завод и музеј се надеваат дека специјалната Златна соба, во Куќата на Робевци, ќе биде отворена на 8-ми декември 2014 година.

Просторот во кој ќе биде сместена Златната соба веќе подолго време е подготвен и истиот е максимално обезбеден, со најсовремена апаратура за заштита.

-Се работи за постојана музејска поставка со над 400 златни експонати, која секојдневно ќе биде достапна за разгледување. Златните предмети ќе бидат изложени во витрина која се движи во круг. Тука ќе бидат ставени сите златни предмети кои се откриени со археолошките истражувања досега во Охрид и охридскиот крај. Покрај златната маска ќе бидат изложени сиот златен накит од некрополите, златни обетки, ѓердани со драги камења, златни прстени и целото ексклузивно богатство, информираат од Завод и Музеј од Охрид.

Охридските туристички работници очекуваат дека со отворањето на ексклузивната златна поставка, градот ќе добие уште една вредна знаменитост која ќе го буди интересот кај туристите.

-Тоа особено се однесува на странските туристи што сакаат да дознаат многу повеќе за нашите културни и историски богатства. Се што е ексклузивно и уникатно, секако дека е интересно за туристите, па затоа се надеваме дека Златната соба за брзо време ќе прерасне во една од најпосетуваните културни места во Охрид и Македонија, велат дел од охридските туристички водичи, кои секојдневно водат туристи на посета на културно-историските споменици низ Охрид.

Инаку отварањето на Златната соба во Куќата на Робевци се најавува уште од 2006-тата година, а како причина за неотварањето на музејската поставка, се посочуваше изработката на Луксузниот каталот кој содржи детаљни описи и фотографии за сите златни предмети кои ќе бидат изложени.

Златната маска беше откриена при археолошките ископувања на Горна Порта во 2002 година, во рамките на гробницата од 6 век пред новата ера, со седумдесетина гробни прилози од разновиден материјал, меѓу кои најзначајни и најексклузивни беа златната посмртна маска и златната ракавица со златен прстен.

Епохалното откритие за македонската, балканската и европската археологија фрли дополнителна научна светлина во разјаснувањето на прочуената некропола „Требеништа“ откриена пред стотина години кај селото Горенци, во близина на Охрид.

Е.М