Полициската станица- Прилеп преку Основното јавно обвинителство до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција–Скопје, поднесе кривична пријава против лицата три лица од Прилеп и едно од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“.

Првопријавениот  во временскиот период од 2007 до 2010 година, во својство на министер во Владата на Република Македонија ја злоупотребил својата службена положба и овластување на начин што спротивно на одредбите предвидени во Законот за продажба на општествените станови, односно без Одлука од Владата– како сопственик на становите лоцирани во т.н. „пензионерска зграда“ во Прилеп, како овластен застапник на Владата,  склучил договори за купопродажба на предметните станови со двете лица, кои пак становите ги користеле  врз основа на решенија издадени од некогашниот Сојуз на борци  како и Сојуз на пензионери.

Второпријавениот по занимање нотар, третопријавениот поранешен државен правобранител и четвртопријавената актуелен државен правобранител во својство на овластени лица кои требало да ја испитаат законитоста и дозволеноста на склучувањето на предметните договори, не презеле мерки и пропуштиле надзор за заштита на државниот имот на Република Македонија, со што им овозможиле на овие лица да извршат откуп на становите по повластени цени. Со тоа го оштетиле  буџетот на Република Македонија во вкупен износ од 2.595.976 денари.