Асоцијацијата на активисти за права на животните (ААПЖ) бара од македонските надлежни служби да се инволвираат во случајот кој беше отворен во Германија, каде службата за ветеринарство и контрола на храна во Бергиш, во напуштен објект со ужасни услови пронајде 54 кучиња и 3 мачки, од кои 33 кучиња од Македонија. Германскиот весник „Билд“ пренесе страотни фотографии направени на лице место, каде што се гледа дека животните биле чувани во услови под секое достоинство, а голем број од нив се болни, изнемоштени, имаат заразни болести, тумори и паразити.

ААПЖ бара од Агенцијата за храна и ветеринарство да стапи во контакт со германските колеги, за да се утврди дали станува збор за нелегален канал за „извоз“ на кучиња во Германија, кои се посредниците кои го овозможуваат ова и дали испраќањето на животни од Македонија во други држави се прави во согласност со законските прописи.

– Разбираме дека на голем број улични кучиња и мачиња, особено оние со физички хендикеп, во Македонија не можат да им се најде соодветен дом. Со вакви случаи многупати сме се соочувале и ние, кога едноставно сме биле принудени да им бараме дом надвор од Македонија. Но, останува фактот дека за да се испрати едно животно надвор од државата, треба да бидеме стопроцентно сигурни дека животното ќе заврши во вистински раце, односно првично треба да се стапи во контакт со здружението во другата држава која ги презема животните, да се провери преку повеќе канали дали тоа здружение работи според пропишаните закони и стандарди, а дури откако ќе се стекне доверба, да се премине кон процедурата на вдомување. – велат од ААПЖ.

Со ваквото постапување на одредени поединци, се докажа дека голем број животни се испраќаат во смрт, а се губи и довербата кај оние што одвојуваат од сопствен џеб и донираат мислејќи дека им помагаат на животните, истакнуваат од ААПЖ.

-За да не доаѓа до вакви несакани настани во иднина, ги предупредуваме сите љубители на животни да внимаваат кому донираат пари за животни и да ја следат трагата на животните за кои донираат. Ги замолуваме сите оние кои донираат, тоа да го прават исклучиво преку официјално регистрирани здруженија во земјава, а не преку поединци. Во меѓувреме, очекуваме македонските служби да се вклучат во расчистувањето на овој случај, за да не се дозволи повеќе животни од Македонија да се испраќаат надвор од државата за да умираат бавно, а некој од тоа да профитира. Поентата не е да се најде дом за напуштените животни по секоја цена – поентатата е да се најде соодветен дом, каков што секое животно, без разлика дали е улично, напуштено или болно, заслужува да има. – стои во реакцијата на Асоцијацијата на активисти за права на животните.

OhridNews