Под мотото „Со песна и оро до височините“, вечерва, од 20:00 часот на платото пред Центарот за култура „Марко Цепенков“ (арт плоштад) во Прилеп, целовечерен концерт ќе одржи КУД „Дримкол“ од Вевчани. Концертот е во рамките на Прилепското културно лето и е дел од програмата на ЦК „Марко Цепенков“, поддржана од Министерството за култура.

  • КУД „Дримкол“ од Вевчани во своето долгогодишно постоење навистина остава силен белег на македонската сцена. Секогаш е задоволство да се гледаат уметниците на ова друштво облечени во богатите Вевчански народни носии како ги презентираат на сцена преубавите Вевчански ора и обичаи отсвирани на традиционални народни инструменти.Токму таквата негова автентичност му дава посебност и убавина, а сето тоа предизвикува интерес кај публиката и желба да се следи во живо програмата на Дримкол, напишаа на социјалните мрежи од НУ Центарот за култура ,,Марко Цепенков,, од Прилеп.

Започнува како играорна група на младинки и младинци уште во 1947 година, со текот на времето го добива името „Печалбар,, во 1978 годинасе преименува во „Дримкол“ и тогаш до денес континуирано и активно работи на негување и презентирање на сценско уметничките вредности со посебен акцент кон фолклорната дејност. Богатата изворна вевчанска носија, изворните инструменти, изворните кореографии го прават ова друштво различно и посебно во делот на презентирањето на традиционален фолклор. Но и покрај изворниот фолклор на репертоарот на ова друштво се наоѓаат и кореогравски обработки од сите играорни подрачја на нашата држава.

Друштвото денес брои 175 распоредени во организациони целини кои работат во рамките на друштвото:фолклорните ансамбли, пејчката група, изворниот оркестар, патувачки театар. КУД „Дримкол“ веќе неколку години е класифицирано како друштво од Прва категорија во рамките на Министерството за култура.