Македонската машка ракометна репрезентација претрпе пораз од Грција со 29:24 на гостувањето во Халкида, во второто коло од квалификациите за Европското првенство во 2028 година.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров одиграа натпревар под очекувањата, во кој домаќинот ја имаше контролата врз резултатот во најголемиот дел од средбата.
Грција уште во првото полувреме стекна убедлива предност од седум гола (16:9). Ниту продолжението не донесе посакувана реакција од македонската репрезентација. Напротив, во првата половина од вториот дел домаќините дополнително ја зголемија предноста и стигнаа до максимални девет гола разлика.
Дури во последната четвртина од натпреварот Македонија заигра нешто подобро, успеа да ја намали негативата и да го ублажи поразот на конечни 29:24.
Ова е прв пораз за македонската репрезентација во квалификацискиот циклус, по убедливата победа над Луксембург од 41:23 на стартот.
По две одиграни кола, Македонија има една победа и еден пораз во групата 8, во која настапуваат уште Шведска, Грција и Луксембург.
Особено значење во понатамошната борба за пласман на Европското првенство ќе има реваншот против Грција, кој е закажан за 9 мај 2027 година во Скопје. Македонската репрезентација на домашен терен ќе има можност за реванш, но и за подобрување на позицијата во квалификациската група.
OhridNews
Фото: РФМ | Фејсбук












