Голем успех постигна македонската таеквондо репрезентација на Европското првенство што се одржа во италијанското летувалиште Јесоло. Христијана Парулеска во силна конкуренција и далеку побројни репрезентации успеа да освои два медали – сребро во категоријата борба со замислен противник и злато во борба, со што се искачи на европскиот трон.

За успесите, подготовките, но и идните планови и очекувања од Светското превнство во емисијата Спорт+ говорат селектор на македонската МТТФ репрезентација, Марјанчо Лазаревски и Парулеска.

Знам колку беше тешко да се тренира и да се дојде до Европското злато. Конкуренцијата беше голема имаше многу репрезентативци на Грција, Украина, Бугарија и Чешка и не очекував да земам злато, но се потрудив. Имаше и натпреварувачка од Украина, која мислев дека ќе го добие пехарот, но на крајот го добив јас, вели Христијана Парулеска и додава дека успехот прво го споделила телефонски со мајка и која била повозбудена од неа.

Лазаревски вели дека не може да се опише чувството кога во прегратка имаш европски шампион.

Пролеавме многу созли радосници и уште ги лееме. А чувството кога беше прогласена за најдобра кадетка, историски пехар во македонскиот спорт, прв пехар за најдобар поединец во нејзина старосна категорија, за нас беше невозможна мисија. Не можевме ни да замислиме дека ќе добиеме пехар, зошто сме мала репрезентација, ама Господ ни помогна да земеме, исакнува Лазаревски.

Потенцира дека македонската репрезентација броела само седум членови, за разлика од другите кои броеле над сто, но сепак постигна историски успех.

Во конкуренција од 34 земји учеснички ние сме на 13 место што ретко се случува една мала земја да се искачи високо на листата. Презадоволен сум од моите натпреварувачи, требаше да се вратиме со повеќе медали. За жал, дел беа оштетени од страна на судиите. Во секој спорт секогаш судиите се приклонети кон поголемите репрезентации, а ние малите треба да бидеме двојно подобри за да дојдеме до успех. Лично очекував медал од повеќе учесници, бидејќи го заслужуваа. Претставуваме држава и таа се претставува со успех, бевме отидени не со мислата да се учествува туку да се освојат медали, додава Лазарвески.

По Европското првенство следува Светското на крајот на август за кое велат ќе следат подготовки со цел да се повтори овој успех, но сепак се реални во поглед на конкуренцијата која ќе ја има на истото.

Овој успех сакам да го повториме и на светско ниво. Дека ќе биде веднаш нема, за се треба време, а ние треба да ги подготвиме нашите натпреварувчи да се искачат и на светскиот трон. Со оглед дека Христијана веќе влегува во постара категорија со наполнети 14 години, ќе и биде потешко со оглед дека е најмлада. Уште сега сакам да ја заштитам од притисок на јавноста. Ние ќе се трудиме да дадеме се од себе. Таму ќе доминираат азиските земји и од Северна Кореја, Јапонија, Русија… кои имаат и различен стил на борење и критериуми. Ова ќе и биде еден предобар тренинг за наредните светска и да бидеме подготвени да знаат што да очекуваат, додава Лазаревски.

Очекувањата на Христијана се дека можеби на Светското првенство може да стигне до трето место.

Следните настапи на македонските репрезентативци во традиционално таеквондо се Меѓународниот турнир во Зворник, Отворениот турнир во Софија, како и турнирот што во јуни треба да се одржи во Охрид. Крајот на август месец е резервиран за Светското првенство во Казахстан.

OhridNews