Либерално- демократската партија уште во првите три месеци од учеството во новата Влада ќе ја исправи неправдата која им беше нанесена на граѓаните со досегашниот процес на приватизација на општествениот капитал, изјави на денешната прес конференција, носителот на кандидатската листа на ЛДП во 5-та Изборна единица, Андреј Жерновски.


Тој потенцира дека приватизацијата на општествениот капитал во изминатите 15 години била извршена на крајно нетранспарентен и коруптивен начин, процес од коој биле исклучени токму оние кои учествуваа во неговата изградба- граѓаните.

– И ВМРО- ДПМНЕ и СДСМ не убедуваа дека тоа беше единствениот начин на распределба. Не е точно дека веќе ништо не е останато. Нашата анализа покажува дека има уште општествен капитал во вредност од 4 милијарди евра, кој треба да се распредели. Наш концепт е она што е останато од општествениот капитал да биде распределено во вид на акции на секој полнолетен граѓанин, при што номиналната вредност на секоја акција би изнесувала 400 евра. Ќе почнеме со Македонскиот телеком, а ќе биде опфатена и распределбата на државниот капитал во ЕЛЕМ, Македонски железници, рече Жерновски. 


При тоа, тој потсети дека во касата на буџетот на РМ само од дивиденда годишно се слева 50 милиони евра.

Ohridnews