Шведскиот ракометен шампион Савехов му одржа вистинска лекција на македонскиот вицепрвак Еурофарм Работник во  Лигата на шампионите совладувајќи го по голем пресврт и драматична завршница со 25:24.

Ракометарите на Еурофарм Работник одиграа одлично прво полувреме, кое го добија со убедливи 15:10. Но, во вториот дел на терен како да излезе некоја друга екипа. Тимот на Стевче Алушевски не се снајде на промената на одбрамбената формација на домаќинот кој форсираше пресинг со еден, а потоа и двајца играчи кои високо го држеа нападот на Работник, кој во тие моменти изгледаше изгубено и немоќно. Предноста на битолчани почна да се топи, а ниту двата тајмаути во кратко време на Алушевски не донесоа промена во играта на Работник кој за 20 минути во вториот дел постигна само 4 гола.

Домаќинот, кој инаку е најмладиот тим во Лигата на шампиони (21 година просек на старост) го презеде водството и на 2 минути до крајот имаше +3. Но со два брзи гола Работник се врати во игра и се влезе во неизвесна завршница. На 30 секунди до крај при напад на Савехов судиите досудија пробивање, на што Работник одговори со почетничка грешка – чекори за конечни 25:24 во корист на шведскиот шампион.

За Еурофарм Работник вечерашниот е втор пораз во Лигата на шампиони, откако викендот во Битола исто така во драматична завршница загубија од Спортинг Лисабон.

OhridNews