Лајонс клубот „Охрид“, со свеченост што се одржа синоќа, го одбележа 7-от роденден.

Прославата која имаше хуманитарен карактер ги собра на едно место претставниците на сите лајонс клубови од Охрид.

На прославата беше направена ретроспектива на најзначајните активности кои ЛК Охрид ги реализира во претходната лајонистичка година, меѓу кои се проектот „Месец на борба против дијабет“, во рамки на кој годинава бесплатно беа тестирани над 350 лица од Охрид, како и разни еколошки акции и хуманитарни активности. Клубот ја прeзентираше и акцијата, односно донацијата на материјални и финансиски средства за жртвите од поплавите во Србија, која ЛК „Охрид“ ја реализира во координација со ЛК „Неопланта“ од Нови Сад. И останатите лајанс клубови од градот се приклучија на акцијата со сопствени донации со што Охрид уште еднаш покажа голема хуманост, истакнаа од ЛК „Охрид“.

Претседателот на ЛК „Охрид“, Ѓоко Апостолов, најави реализација на други хуманитарни активности и проекти, самостојно, или во заедничка организација со другите лајонс клубови од градот.

Оваа година, четврти пат по ред беше доделено признанието „ГОРНА ПОРТА“, кое ЛК „Охрид“ традиционално го доделува на заслужни охриѓани кои со својата работа го афирмираат Охрид. Годинава признанието му беше доделено на познатиот уметник Јордан Манасијески. 

OhridNews