Пожарот што вчера утрината избувна на депонијата „Буково“ е локализиран, информираат од ЈП „Охридски Комуналец“. Во гаснењето на пожарот, велат, биле ангажирани екипи на ЈП „Охридски Комуналец“, Територијалната противпожарна единица од Охрид, како и цистерната на Јавното претпријатие.

Екипите беа постојано на терен и активно работеа на гаснење на пожарот и спречување на неговото понатамошно ширење. Дополнително, на депонијата е направен пресек со цел да се спречи ширењето на пожарот кон останатиот дел од депонијата. Континуирано се носи и дополнителни количини на земја, која се користи за покривање и задушување на жариштата, согласно состојбата на терен и потребите од интервенцијата, посочуваат од претпријатието.

На овој начин, велат, се преземаат дополнителни мерки за целосно задушување на пожарот и спречување на негово повторно активирање.

Екипите остануваат на терен за следење на состојбата и навремено реагирање, додаваат од ЈП „Охридски Комуналец“.

OhridNews