На меѓународната туристичка берза во Белград, што ја посетија 300.000 гости, Македонија понудила 1.500 парчиња промотивен материјал, кои биле поделени за неколку часа. Хотелиерите не се задоволни од поддршката од Министерството за економија и од организираноста на локалните власти за промоција на
туристичките потенцијали на земјава на овој саем што се одржа во минатиот месец.

Дончо Таневски, претседател на Хотелската асоцијација на Македонија (ХОТАМ), генерално е задоволен од
претставувањето, но го критикува односот на државата бидејќи од Министерството донеле неквалитетен и малку промотивен материјал.

– Промотивните материјали од Министерството за економија и од општините беа катастрофални. Среќа што хотелиерите донесоа свои материјали, па успеавме некако да се снајдеме – вели Таневски.

Македонските хотелиери очекуваат српските туристи да ја спасат летната сезона во земјава. Тие прогнозираат дека годинава најголем број туристи ќе дојдат од северниот сосед

Марија Весова, портпарол во Министерството, пак, одговара дека не треба сите да очекуваат државата да им обезбеди се’ на тацна, а тие ништо да не преземаат.

– Министерството со скромниот буџет обезбедува услови за туристичка промоција. Наша беше комплетната организација на посетата на туристичката берза во Белград и закупот на македонскиот штанд – вели таа.

Според неа, проблем е што асоцијациите на хотелиерите и на туристичките агенции и општините
немаат меѓусебна координација и не се организирани.

На меѓународната туристичка брза во Белград, Министерството за економија закупи штанд од 45 квадратни метри, на кој се претставија хотели и само две домашни туристички агенции.

– Аранжманите што на странците им ги нудат домашните туристички агенции за сместување во Охрид и во
Струга се поевтини кога се договараат директно со хотелите. Затоа никому не му се исплати да им плати повеќе на агенциите – вели Миле Спировски, претседател на Асоцијацијата на туристичките агенции (АТАМ).

Во секторот за туризам во Министерството за економија велат дека ефектите од учеството на Македонија на берзата во Белград ќе ги видат откако ќе добијат информации од учесниците за склучените договории вкупната посетеност на нашиот штанд.

извор: „Дневник“