Кратко, само една рунда од квалификациската фаза траеше авантурата на Шкендија во Лигата на Шампиони оваа сезона, откако тетовските „црвено црни“ на реваншот во Скопје не успеаја да ја задржат минимална предност (1-0) од првиот натпревар. Избраниците на Ќатип Осман изгубија 2-1 и благодарение на правилото гол во гости Номе Калју патува во следната фаза.

Во двомечот со естонскиот состав, фудбалерите на Шкендија влегоа како големи фаворити и таа улога ја оправдаа на гостински терен. Пред своите гледачи, „црвено црните“ тотално потфрлија и дозволија да претрпат пораз и фијаско во ЛШ.

Дека работите немат да бидат сјајни на „Тоше Проески“ арената наговестија гостите кои уште во петтата минута погодија за 1-0. Тој резултат беше активен до 60-та минута кога Агим Ибраими од пенал изедначи на 1-1 и ја врати предноста на Шкендија. Изедначувачкиот погодок не ја поправи играта на Шкендија а гостите собраа сили и дури во 90-та минута постигнаа погодок за голема победа (2-1) и пласман во втората рунда.

Шанса за поправен, Шкендија ќе има во квалификациската фаза во Лигата на Европа каде ќе се приклучи од втората фаза, но скапиот состав со огромни засилувања се креираше за пласман во ЛШ.

OhridNews
Фото: Гол.мк