Во преполното Предворје на црквата „Света Софија“, светски познатиот виолинист Стефан Миленковиќ и камерниот оркестар „Профундис“ приредија незаборавна музичка вечер која ја одбележаа врвни интерпретации, силни емоции и извонредна атмосфера. Концертот се одржа во рамки на програмата на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“.
Сцената, внимателно уредена и осветлена со стотици свеќи, создаде посебен амбиент кој совршено ја надополни музичката програма и на публиката ѝ понуди несекојдневно аудиовизуелно доживување.
На програмата беа изведени „Серенада за гудачи“ оп. 48 од Петар Илич Чајковски, „Возлет на чучулигата“ од Ралф Вон Вилијамс, „Интродукција и Рондо капричиозо“ од Камиј Сен-Санс, како и виртуозната „Кармен“ фантазија оп. 25 од Пабло де Сарасате, едно од најсложените и највпечатливи дела во виолинската литература, кое бара исклучителна техничка подготвеност и уметничка зрелост.
Под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ, Миленковиќ уште еднаш ја потврди својата репутација на еден од најистакнатите виолинисти на денешницата. Со сигурност, прецизност и длабока музикалност тој ја воодушеви фестивалската публика, која со долги аплаузи и овации ја наградуваше секоја негова изведба.
Миленковиќ, кој е миленик на фестивалската публика на „Охридско лето“ и овојпат ја покажа својата виртуозност над виолината со која владее уште од неговата најрана детска возраст.
Секогаш со големо задоволство настапувам со „Профундис“. Тоа е оркестар со извонреден квалитет, но пред сè, со исклучителна енергија, карактер и ентузијазам. Секогаш сум среќен кога повторно доаѓам на „Охридско лето“. Овој фестивал има посебно место во моето срце, а охридската публика секогаш ме пречекува со голема топлина и љубов. Вистинско задоволство е повторно да се биде дел од оваа прекрасна фестивалска атмосфера, вели Миленковиќ.
Камерниот оркестар „Профундис” е формиран во 2019 година од страна на диригентката Ѓурѓица Дашиќ. Во него членуваат некои од најистакнатите македонски инструменталисти од повеќе различни генерации. Идејата на „Профундис” е да се создаде висококвалитетен професионален ансамбл кој покрај изведбите на капитални дела, ќе поставува праизведби на дела од современи автори од класичната музика, да биде во функција на македонските врвни изведувачи, како и на македонските современи автори, да носи светски имиња од светот на класичната музика како солисти и да ги поместува границите на креативноста како во смисла на изведбата, така и во смисла на сценскиот настап.
Грчка вечер на „Охридско лето“
Пијанистката Теодосија Нтоку и виолончелист Масимо Полидори вечерва ќе настапат на традиционалната Грчка вечер на фестивалот „Охридско лето“, организирана со поддршка на Амбасадата на Грција во земјава.
Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
Оценета од списанието „Би-би-си мјузик“ како пијанист со драматични квалитети, емотивна суптилност и како возбудлив изведувач, грчката пијанистка Теодосија Нтоку веќе има свое значајно присуство на меѓународната музичка сцена. Нтоку е основач и уметнички директор на серијата концерти наречена „Кинески концерти“ кој е еден вид фестивал посветен на негувањето на културната размена преку промовирање на класичната музика од највисок ранг. Активна е како камерен музичар и нејзините соработки ги вклучуваат Марта Аргерич, Максим Венгеров, Стивен Исерлис, Гил Шахам, Миша Мајски, Даниел Хоуп и др.
Масимо Полидори е меѓународно признат водач на групата виолончела на оркестарот на „Ла Скала“ во Милано, позиција која ја добива на 30-годишна возраст откако тогашниот уметнички директор на оркестарот, Рикардо Мути, ги препознава неговите квалитети. Покрај тоа, Полидори е основач на триото „Јоханес“ и на Гудачкиот квартет на „Ла Скала“ заедно со концерт-мајсторот и истакнат виолинист Франческо Манара, ансамбли со кои постигнува светски успеси и настапува во „Карнеги Хол“, а со кои ги добива наградите „Осака“, наградата „Премио Трио“ во Трст и наградата на Асоцијацијата на музичките критичари на Аргентина. Пред да ја прифати позицијата на водач на виолончела во „Ла Скала“, Полидори пет години бил прв виолончелист на „Камерата Берн“, оркестар со кој настапувал низ целиот свет и снимал повеќе албуми за „Филипс“, „Дека“, „Берлин Класикс“ и ЕЦМ, со уметници како Хајнц Холигер, Андрас Шиф и Раду Лупу. Покрај оркестарските ангажмани, Полидори има и активна солистичка кариера настапувајќи со оркестри како Симфонискиот оркестар во Питсбург, оркестарот „Керубини“, Филхармонискиот оркестар на „Ла Скала“, Оркестарот во Падова и др.
На репертоарот ќе бидат дела од Сергеј Рахманинов, Антонин Дворжак, П.И. Чајковски, Астор Пјацола и Габриел Форе и Едвард Елгар.
OhridNews



















