Институтот за економски стратегии и меѓународни односи–Охрид, заедно со партнерската организација Македонско женско лоби, во рамки на Оперативната програма за развој на човечки ресурси 2007-2013, ИВ ИПА компонента на Европска Унија, ја оддржа националната конференција за промоција на Македонската активна платформа за социјална инклузија – МАПСИ во Скопје. На денешната национална конференција се промовираше Македонската активна платформа за социјална инклузија-МАПСИ составена од вкупно 18 локални активни платформи за социјална инклузија-ЛАПСИ кои вклучуваат предлог активности и конкретни мерки за подобрување на статусот на ранливите категории на граѓани на локално ниво и тоа црпејќи го легитимитетот од локалните чинители, локалните граѓански здруженија, бизнис заедницата, граѓаните, претставниците на локалната и централната власт, медиумите.
Идентификувани ранливи категории на граѓани во речиси сите 18 општини беа: жртвите на семејно насилство, жените од рурални средини, жени Ромки, самохрани родители, потоа младите како посебна категорија и лицата со посебни потреби. Меѓу предвидените мерки и активности се: соработката со општините, бизнис заедницата и невладиниот сектор, мотивација за формално и неформално образование, дуелно образование, отварање на кариерен центар/младински центри/културни центри, отварање на шелтер центри/сос линија.
„Искрено верувам во напорите на локалните чинители дека ќе ги преземат сите чекори за имплементација на овие локални стратегии за социјална инклузија со што значително ќе влијаат на процесот на забрзување на социјалната инклузија, посебно на младите и жените во РМ. Целта на МАПСИ е да претставува почетна основа за понатамошен дијалог за подобрување на статусот на ранливите категории на граѓани, изјави Билјана Јанева, извршен директор на Институт Охрид.
Во рамки на овој проект кој Институт Охрид го спроведува од 2015 година, беа одржани 18 локални конференции кои беа почетна точка за континуирана работа, креирање на база за понатамошна соработка и развој на дијалог меѓу локалните чинители за изработка на локалните стратегии.
На вкупно 52 работилници во 18 општини во Република Македонија ( Делчево, Битола, Прилеп, Свети Николе, Чешиново Облешево, Куманово, Велес, Чаир, Кавадарци, Струга, Тетово, Штип, Струмица, Дебар, Кичево, Шуто Оризари, Пехчево и Маврово Ростуше) се разговараше за дефинирање на стратешките цели и активности за секоја приоритетна област опфатени со локалната стратегија за социјална инклузија на млади и жени во избраните општини.
OhridNews











