
– Програмата на ВМРО ДПМНЕ или на СДСМ да се реализира треба нашиот буџет, кој сега велиме дека е огромен со 2,5 милијарди евра, да порасне до 3,6 милијарди евра. Од каде ќе ја соберат таа милијарда и сто милиони евра? Го повикувам премиерот Груевски да ми одговори од наредниот митинг од каде ќе најде 1,1, милијарда за да ја реализира ветената програма. Го повикувам Црвенковски, кој знам дека многу не се занимавал со економија, со помош на експертите кои му ја составувале програмата да каже од каде и тој ќе најде 1,1 милијарда за реализација на дадените ветувања. Нема од каде, или ќе треба да не задолжуваат дебело, или пак ќе удрат нова тура даноци, казни и надоместоци за приватниот сектор.-рече Манасијевски, порачувајќи дека најдобро за Македонија е на 5-ти јуни Груевски да си замине, а Црвенковски да не се врати.

На собирот говореше и носителот на кандидатската листа во 5 И.Е. Андреј Жерновски кој им порача на гласачите да не подлегнуваат на притисоците и да гласат за опцијата која преостанатиот државен капитал од над 4 милијарди евра ќе им го распредели на граѓаните.
– По гласот даден за ЛДП по 5 јуни секој охриѓанец, но и граѓанин на Република Македонија ќе стане носител на акција со номинална вредност од 400 евра, и тоа само од „Телекомот“. Мораме да ја исправиме неправдата и се што е останато како државен капитал да го распределиме на граѓаните, и тогаш номиналната вредност на секоја акција ќе достигне до две илјади евра, рече Жерновски. Тој најави дека ЛДП ќе се залага за намалување на бројот на министерства и на пратеници во Парламентот, како и на преобемната јавна администрација.

На собирот говореа и кандидатите за пратеници од Охрид од редовите на ЛДП, Д-р Десанка Матова, Лидија Јевтовиќ и Дејан Блажески.

Тие се пожалија дека секојдневно врз членовите на ЛДП се врши притисок од страна на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ и ги повикаа своите сограѓани да им кажат не на овие партии и да им дадат доверба на неискомпроминтирани личности кои нудат реални идеи за излез од сегашната состојба. На собирот беше објавено дека во општинската организација на ЛДП во Охрид преминале повеќе членови од НСДП.










