Кој ќе праша зошто едно село со денови нема вода и ќе се врати да провери дали проблемот е решен? Одговорот зависи и од тоа дали има редакција што редовно го следи животот во таа општина. Првото заедничко мапирање на медиумските пустини во Македонија и Србија, спроведено од NarativAI, покажува дека 49 од 80 општини во Македонија немаат сопствен традиционален локален медиум. Во охридскиот крај, истражувањето издвојува две различни состојби. Во Охрид локалното информирање се потпира на онлајн редакции, додека Дебрца е посочена како општина без покриеност од локални или регионални традиционални медиуми.

Охридскиот пример
На 2 март годинава Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) донесе решение за бришење на охридското Супер Радио од Регистарот на радиодифузери. Во јануари од регистарот беше избришана и ТВ М, откако ја врати регионалната дозвола. Тогаш Канал 77 објави дека телевизијата планира да продолжи со работа на локално ниво. Двете редакции целосно ја префрлија работата на дигиталните платформи, односно работат само онлајн.
Куриозеитет е што во истиот град работи најстариот онлајн информативен медиум во Македонија. Охридњуз ги објави првите вести на 7 декември 2006 година, а на 7 декември годинава одбележува 20 години работа. Порталот почна да известува во време кога радиото, телевизијата и печатот беа главни извори на информации. Денес онлајн редакциите имаат важна улога во следењето на работата на општината, јавните претпријатија и другите локални институции.
Што покажуваат бројките за Македонија
Повеќето од 49-те општини без сопствен традиционален локален медиум ги покриваат регионални медиуми со седиште во поголемите градови. NarativAI наведува дека пет општини се и без таква покриеност. Во објавениот текст по име се наведени четири, меѓу нив Дебрца, Крива Паланка, Ранковце и Демир Капија.
Анализата покажува и колку е концентриран печатот. Од 19 весници и списанија, 16 ги издаваат издавачи со седиште во Скопје. По едно издание имаат издавачи од Штип, Свети Николе и Прилеп. Во изминатата деценија од регистарот се избришани 37 печатени изданија, меѓу кои седум дневни весници. Од 2014 година, според истражувањето, згаснале 35 радиостаници.
Кога локалните теми исчезнуваат од вестите
Медиумска пустина е заедница во која жителите имаат ограничен пристап до веродостојни и редовни локални вести. Тоа може да биде село, град или градска населба. Проблемот може да постои и таму каде што има регистрирани медиуми, ако прашањата што ги засегаат жителите ретко добиваат новинарско внимание. Во дел од заедниците во Србија, на пример, истражувачите забележале дека жителите се потпираат на социјалните мрежи, информации од уста на уста и повремени прилози од соседните градови.
Крива Паланка е еден од примерите во македонската анализа. Откако згаснало локалното радио, жителите за дел од случувањата се информираат преку веб-страниците и профилите на институциите. Општината може да објави дека Советот донел одлука. Работата на локалната редакција е да провери кого засега таа одлука, колку ќе чини и дали ќе се спроведе.
Граѓаните можат да ја дополнат мапата
Истражувањето „Кој ги раскажува нашите приказни?“ е спроведено од мај до септември 2026 година. За Македонија, тимот ги вкрстил податоците од АВМУ и од Регистарот на професионални онлајн медиуми со информации од терен и од локални извори. Проектот е поддржан од Европскиот фонд за Балкан.
Жителите можат да означат населено место и да пријават дека таму недостигаат локални вести, дека редакција се затворила или дека важни теми добиваат премалку внимание. На мапата се избира „Start“, се означува местото, се избира видот на проблемот и се испраќа пријавата преку „Submit report“. Секоја пријава е сигнал за дополнителна проверка: Интерактивна мапа на медиумските пустини.
Г.М.











