Охриѓани масовно ја поддржаа иницијативата за законски измени со кои треба да им се олесни животот на лицата со пречки во развојот. Само во првите три часа од отварање на пунктот на градскиот плоштад, потписите ги дадоа над 350 граѓани.

– Секој треба да го даде својот потпис,

– Зарем треба со собирање потписи да се извршат вакви измени на законот? Овие права, лицата со пречки во развојот, се подразбира дека треба да ги имаат и треба да им се загарантирани,

– Се надеваме дека со измените ќе им се олесни животот на овие лица и нивните блиски, се дел од коментарите на охриѓани кои постојано доаѓаат и се потпишуваат.

Потребните 10.000 потписи за ревидирање на законите со кои се уредуваат правата на лицата со пречки во развојот, се веќе собрани. Но и покрај тоа, акцијата продолжува во сите градови низ Македонија се до петок кога ќе се знае точниот број на граѓани кои ја дале својата поддршка за иницијативата.

– Задоволни сме од тоа како се одвива акцијата. Граѓаните веќе беа информирани каде се наоѓаме, идаат во голем број, се надеваме дека ќе се соберат се повеќе и повеќе потписи, вели Гордана Лолеска, волонтер во здружението на граѓани со ретки болести „Живот со предизвици“.

Меѓу останатите барања за измени на законот се и следните: секое лице со посебни пореби да има право на персонален асистент ангажиран од државата, за лицата чии родители не се повеќе способни да се грижи државата која ќе ги преземе како нивен старатели и им овозможи 24-часовна грижа, комплетна инклузија на лицата во сите сфери на општеството, стимулирање на наставниците во образованието и градинките кои во своите одделенија и групи работат со деца со посебни потреби, надоместот на платата на родител на лице со посебни потреби да не биде помал од половина од просечната плата во последните 6 месеци.

Пунктот за собирање потписи во Охрид ќе биде отворен до 18 часот.

Т.К.